УЕФА НЕ ГО ЗАБОРАВИ МОМЧЕТО КОЕ ПРЕЖИВЕА ВО МАРИБОР

Во сообраќајка ги загуби пријателите, а остана и без рака, но сака да продолжи со фудбалот

„Способен сум за успех. Ја преживеав несреќата и тоа е привилегија, која ве тера да размислувате позитивно“, вели херојот во оваа приказна, Љубомир Моравац кој има 21 година

објавено: 13 февруари 2018 - 13:50

Пред точно една и пол година, односно во август 2016 година се случи една страшна сообраќајна несреќа во Марибор. Враќајќи се од тренинг, двајца млади фудбалери на Б тимот на Марибор загинаа откако нивното возило удри во семафор. 

Дамјан Марјановиќ (20) загуби контрола на автомобилот и удри директно во семафорот. Покрај него, во несреќата загина и совозачот Зоран Баљак (21), додека двајцата кои седеа позади се спасија. Жига Липушчек помина со полесни повреди, додека Љубомир Моравац (21) во тешка состојба беше пренесен во болница.

Три дена беше во кома, а кога се разбуди, дозна дека морало да му биде ампутирана подлактицата на левата рака. И покрај таа страшна реалност, некогашниот голман реши да не се откаже од фудбалот. 

„Кога завршив средно школо, решив да се посветам на фудбалот. тоа е мојата најголема желба. Побниот ден ми беше како секој нормален. Се разбудев, доручкував и отидов на тренинг. Во соблекувалната се шегувавме, атмосферата беше одлична. Сосема нормален ден...“, се присетува Љубомир, кој додава дека по несреќата му било потребно време да се навикне на новата ситуација. 

Љубомир Моравац сепак успеал да собере сили и сега повторно е дел од фудбалот, но како судија.

„Си реков на самиот себе дека пред мене е животот и дека имам шанса да направам нешто. Фудбалот ми даде еден одреден ментален пристап на работите. Бев спортист и секогаш сум сакал да се докажувам. Способен сум за успех. Ја преживеав несреќата и тоа е привилегија, која ве тера да размислувате позитивно. Верувам дека можам да бидам дел од фудбалот“, заврши Моравац. 

Најново во Другата страна на спортот