ПРЕД ФИНИШОТ НА НЕВЕРОЈАТНАТА АТЛЕТСКА КАРИЕРА

Болт има понуди од десетици фудбалски клубови!

Јусеин Болт има понуди за тест од десетина фудбалски клубови, открива неговиот агент, пред незапирливиот Јамајчанец да стави крај на својата атлетска кариера со настап на Светското првенство во Лондон од петок

објавено: 2 август 2017 - 15:45

30-годишниот освојувач на осум олимписки злата ќе се обиде да стигне до ново злато во Лондон, но позната е неговата страст кон фудбалот и посебно кон тимот на Манчестер јунајтед.

Неговиот агент Рики Симс вели дека тимовите веќе контактирале со него за да ја искористат неговата љубов кон фудбалот по повлекувањето од атлетиката.

„Јусеин има 30 години и може да трча уште четири години до Олимпијадата во 2020, но веќе оствари сè што сакаше. Има милиони други шанси за него и тој е подготвен за ново поглавје. Фудбалот секогаш е тема за него и десетина клубови би сакале да добијат шанса да го имаат во тимот“, вели Симс.

Тој, сепак, признава дека ќе биде тешко да се види Болт во тим од Премиерлигата.

„Јусеин ќе оди во Дортмунд бидејќи директорот на Пума и негов добар пријател е во бордот на Борусија. Дали спринтер со 30 години може да игра во Бундеслигата или Премиерлигата? Реално, тоа е преголем чекор. По шестмесечен режим со тим можеби би можел да игра на ниво на втората или третата англиска лига“, додава Симс.

Најново во Други спортови