Претседателот на АФМ, Крсте Серафимовски во дефанзивен стил:

Добивам закани од Кајчевски и Цветкоски, ама не се откажувам!

Иницијативата за Вонредно Собрание беше одбиена, а на 16. декември се одржа тематско Собрание на АФМ, по кое ништо не се промени околу раководните позиции а иницијаторите останаа незадоволни.

објавено: 20 декември 2017 - 21:20

Најголем дел од клубовите од Македонија пред еден месец покренаа иницијатива за Вонредно Собрание на Атетската федерација на Макеонија. на кое ќе се разгледува и смената на актуелниот претседател Крсте Серафимовски поради незадоволство од начинот на кој се води федерацијата.

Но, иницијативата за Вонредно Собрание беше одбиена, а на 16. декември се одржа тематско Собрание на АФМ, по кое ништо не се промени околу раководните позиции а иницијаторите останаа незадоволни.

„Епилог на Собранието на АФМ, без почитување на Статут, деловник на работа, тотално недемократски. Претседателот и работното претседаталство се ставија над Собранието како највисок орган во АФМ. Иако беше презентиран дел од законот на ИААФ дека над 70-годишна возраст никој не смее да биде претседател на федерација, моравме без доказ да го слушаме претседателот како ни го тврди спротивното. И под знамето дека Крсте Серафимовски дошол да разговара за проблемите во атлетиката, не сакаше да ги ислуша ниту тренерите ниту пак да им даде збор на некои од делегатите. Со навреди ги нападнавте тренерите господине Серафимовски дека сме криминалци? Претставниците на Агенцијата за млади и спорт немо следеа и добија јасна слика дека Крсте Серафимовски ги изманипулира фактите и дека не сака развој на атлетиката (под чие знаме се крие 30 години) туку само сака фотеља" – истакна веднаш по Собранието на АФМ, еден од иницијаторите за промени во Атлетската федерација на Македонија, Кристијан Кајчевски.

Околу целокупната ситуација преку поопширно соопштение се огласи и актуелниот претседател на АФМ, Крсте Серафимовски потенцирајќи дека само поединци сакаат негова смена од кои добива и закани. Серафимовски најави одржување на ново Редовно Собрание наскоро на еден спортски и достоен начин.

Соопштението од претседателот на АФМ ви го пренесуваме во целост:

Во врска со последните случувања во атлетксиот спорт и иницијатива за свикување на таканаречено Вонредно собрание, вo чија заднина всушност се крие иницијатива за промена на Претседателот нa АФМ, за да се добие појасна слика за вистинската состојба во атлетиката Ве информираме за следново:

На 17.11.2017 година во канцеларијата на АФМ од страна на АК Пролет од Скопје се достави барање од иницијативен одбор за свикување на Вонредно собрание на АФМ, а како подносител на барањето се појавува АК Пролет потпишано од Кристијан Кајчевски. За да стане појасно Ве информираме дека Извршниот одбор на својата работна седница одржана на ден 28. ноември 2017 година меѓу точките на Дневен ред го разгледа и барањето на Иницијативниот одбор. Притоа се констатираа многу недоследности и работи што се спротивни на Статутот на АФМ. Имено во него стои дека барање за свикување на Вонредно собрание може да поднесат ⅓ -тина од клубовите. По разгледување на листата на АФМ со список на клубови и Претседатели на истите се констатира дека потписите на списокот не се од Претседателите на наведените клубови. На некои потврди немаше никаков потпис на барањето – АК Куманово, а АК Лирија по два дена од доставување на барањето информираше дека клубот има нов претседател. Сето ова предизвикуваше сомнеж, која се темелеше и на фактот што во барањето, како што е вообичаено во вакви прилики немаше ниту Дневен ред за Вонредното собрание, ниту некаква Програма! Ценејќи ги сите новонастанати ситуации, меѓу кои и поднесеното барање за Вонредно собрание, бидејќи повеќето клубови и не се согласувааа со оние-кои потајно атакуваа кон претседателското место и другите функции во Федерацијата, сепак се донесе одлука на 16 декември да се одржи Собрание на АФМ. На него ќе се разгледаше моментната состојба на атлетскиот спорт и ќе се донесеше една платформа за натамошен развој. Практикчно ќе се поставеше стратегијата за натамошно работење со цел да се подигне нивото на атлетиката.

На седницата на Извршниот одбор на АФМ, одржана на 6 декември 2017 година, покрај тоа што беше донесено Одлука за организирање на тематско Собрание, беше одбиена иницијативата за Вонредно собрание поднесеена од АК Пролет. Исто така беше истакнато дека на Собранието треба да се почитува Статутот, според кој неактивните клубови и оние што не учествувале на најмалку два државни натпревари, не ќе може да бидат вклучени во работата на Собранието и не може да гласаат за Одлуките. Впрочем, ИО на АФМ не бара ништо друго освен почитување на членот 34, алинеја 3 од Статутот. Таму точно е нотирано, кој клуб има право да одлучува за судбината на атлетиката. Подготвувајќи го тематското Собрание беше побарано од Централниот регистар да ни достави точна информација за клубовите, според која: од 36 клубови 33 со решение се регистрирани во АМС на РМ, од нив 19 се со активен статус, 13 се со неактивен статус, 2 се избришани, а за 2 нема информации. Меѓу оние што ги немаат исполнето статутарните одредби е и АК Пролет, клубот кој е најгласен во барањето за организирање на Вонредно собрание, клуб кој функционира човек – институција , г-дин Кајчевски е со овластување генерален секретар и тренер, а сопругата вероватно технички секретар.

Иницијаторите за соборување на претседателот и целокупната гарнитура на АФМ, увидувајќи го својот пропуст веројатно сфатија дека со барањето за Вонредно собрание треба да се поднесе и Дневен ред за истото и програма, па така на 15. декември, еден ден пред закажаното тематско Собрание, беше поднесен План на иницијативниот одбор за промени, од страна на Иван Цветковски од АК Пролет. Неверојатно, каде по нештата треба АК Охрид да го кандидира, охриѓанец е, таму живее и работи. Зошто?

На самото собрание Иван Цветковски вели" Да не бев јас и Кире Синадиновски Охрид ќе немаше атлетска патека" негирајќи го придонесот на АМС на РМ, МОК и други инситуции. Се сомневаме дека зад барањето за Вонредно собрание се кријат луѓе, кои имаат намера преку влез во АФМ да може да остварат поголем профит од организацијата на комерцијализираните приредби, каков што е на пример скопскиот маратон. Исто така, напоменуваме дека вообичаена практика во АФМ беше за претседателската позиција да се распише конкурс, а не вака на препад да се стигне до таа позиција со што се кршат демократските норми. Симптоматично е што сите овие случувања се само на 200 денови пред организацијата на Европското првенство во планинско трчање и прославата на 70- годишнината на АФМ. Сето ова не наведува да размислуваме дека некој сака намерно да ги минира сите овие манифестации, за да се прикаже наводната неспособност на сегашните структури во Федерацијата.

Во жолчните дискусии пред почетокот на Собранието на 16 декември, на кое не можеше да се утврди ниту кворум, Иван Цветковски посочи дека старосната граница пропишана од ИААФ по Статут со важност од 01.01.2017 година – не му дозволува на Крсте Серафимовски (72 години) да биде претседател. Меѓутоа, заборава или не му одговара да знае – дека Крсто Серафимовски е избран во 2016 година на Редовно изборно собрание на АФМ. Исто така годините за претседателското место веќе од 1 јануари 2019 година не се проблем. Ова беше потврдено и на Конгресот на ЕАА во Вилнус и Конгресот на ИААФ во Лондон, кога се донесоа и некои други промени во Статутот. Тогаш, челниците на светската атлетика увидоа дека направиле грешка со воведување старосна граница, зашто на тој начин се дискриминира и дискредитира еднa голема група атлетски ентузијасти меѓу кои и актуелниот претседател на Европската федерација, Свен Арне Хансен, кој има повеќе од 70 години, а е многу активен и заслужен за многу иновации во атлетскиот спорт. Според тоа старосна граница за претседателската функција повеќе нема што се гледа од член 6 став 25 од Статутот на ИААФ.

Во една мачна ситуација со многу препукувања, единствено што ми остануваше – беше да најавам ново редовно Собрание за кое Извршниот одбор ќе донесе дополнително одлука. На истото ќе може да се вклучат во работата и донесување на одлуките само клубовите, кои за не повеќе од 60 дена ги усогласат своите обврски спрема Законот за здруженија и барањата од Централен регистар за активен статус и ги исполнат условите според Статутот. Сметам дека е тоа демократски и според постојните прописи, што владеат во државата. Меѓутоа, како надополнување на сето ова што е изнесено како објаснување за недоразбирањата до кои дојде, јас како претседател на Федарцијата сакам да истакнам неколку работи, за кои сметам дека јавноста треба да ги знае. Имено, токму јас со моите соработници, најдов излез во најдраматичните моменти за македонската атлетика: Имено, Цветко, Иван и Кире ја оставија федерацијата со долг спрема АД Гранит во износ од 47,500 евра, кога дојдов во 2012 година како претседател на АФМ. Преку моите пријатели од ЕА успеав да обезбедам 40.000 ЦХФ од кои 15.000 неповратни и 25.000 кредит без камата на 5 години да ни одбиваат од грантот и успеав со мојот тим да ја деблокирам сметката на АФМ. Тогаш Иван и Кире не мрднаа со прст, сега кога ја ставивме федерацијата на здрава и цврста основа амбициите и апетитите се големи за претседател. Никогаш себеси не се ставив пред функцијата претседател, работев тимски за реализацијата на програмата и визијата на АФМ се со цел и дадеме нова димензија на атлетиката. Досега покажавме само сериозност во работата и тоа е одликата на довербата која ни ја дава ИААФ, ЕА, АБАФ, АМС на РМ, МОК и други инситуции. Можеби е нескромно но тоа е вистината, многу вложив труд, работев неуморно, го користев моето искуство, знаење, способност и многу откажувања, прелетав многу километри без да потрошам денар од федерација, ниту јас ниту некој член зел , со еден збор „e facto de jure„. Се жртвував работејќи само за светлата иднина на македонската атлетика. Работев со сиот свој ентузијазам само да придонесам во атлетскиот спорт во кој зачекорив како тренер и основоположник на Атлетскиот клуб од Тетово,пред повеќе од 50 години. Во сиот овој период создадов и репрезентативци на Македонија, а и на поранешна Југославија – Михајло Крстевски (фрлање копје). Во периодот додека сум претседател обезбедував по 40 и повеќе денови подготовки на нашите атлетичари во земјата и во странство. Во 2018 од грандот ке обезбедиме комплетен фото финиш за одржување на националните првенства на едно повисоко ниво во вредност од 25 000 евра. Имавме многу учества на меѓународните натпревари, а обезбедив и 2 олимписки стипендии за атлетичарите. Атлетски справи и реквизити душеци за скок со стап и скок во височина, спортска опрема за репрезентацијата повеќе од 100 комплети Легеа и Јома. Исто така,на праг сум на обезбедување на поголема сума пари од АМС и МОК, кои имаат чувство за атлетиката, како за базичен спорт. Во изминатиот период сторив многу за популаризацијата на атлетиката. Успеав со соработниците од АФМ успешно да ги организираме во 2013 година Конгресот на Европската федерација во Скопје, на кој беше присутен и легендарниот Британец Колин Џексон, поранешен светски рекордер на 110 м. со пречки. Исто така во 2014 година Европскиот куп на 10000 метри во машка и женска конкуренција во Скопје. Сето ова што го набројав ги демантира навредливите зборови што беа упатени во саботата и последниов период кон мојата личност од двајца „атлетски" работници Иван Цветковски и Кристијан Кајчевски. Чувствувам дека тие добиваат сила и од некои други нивни истомисленици, како на пример од клубот-семејство Кираџиеви, татко-мајка-син-ќерка , претседател – тренер . Судир на лични интереси а и од луѓе со амбиции да го заземат моето место. Но, јас на сите љубоморни противници децидно им велам дека нема да потклекнам на нивните притисоци, а тоа што го прават е надвор од кодексот за спортско и коректно однесување.

Покрај сето што сум го направил да добивам закани од Кристијан Кајчевски и Иван Цветковски, тоа во најмала рака е срамно и не им доликува. Тие на овој начин само ја загрозуваат атлетиката и и ја сечат гранката. Едноставно, не против мене, тие како одат и против „кралицата на спортовите" во Македонија. Затоа уште еднаш им порачувам дека ќе ги искористам сите демократски средства, притоа почитувајќи го Статутот на АФМ, да организираме Собрание на АФМ на еден достоинствен и спортски начин.

Претседател на АФМ

Крсто Серафимовски

Најново во Други спортови