НАЈБРЗИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ СЕ ПРОСТИ СО СВОЈАТА ЈАМАЈКА

Никогаш не сум бил вака нервозен на „стотка“(ВИДЕО)

На последната трка во кариерата пред своите сипматизери во Кингстон, Усеин Болт истрча 10.03 секунди на патеката на сто метри, но ја победи конкуренцијата.

објавено: 11 јуни 2017 - 13:40

Усеин Болт за последен пат трчаше трка на 100 метри на домашно тло, во неговата Јамајка. 

Повеќекратниот олимписки победник, светски шампион, и сопственик на светските рекорди на 100 и на 200 метри, кој во август на СП во Лондон ќе стави крај на активната кариера, победи на Гран при митингот во Кингстон, и тоа со скромно време 10.03 секунди.

А неговиот последен настап пред својата публика (имаше околу 30.000 гледачи), дојде да го види „во живо“ и претседателот на ИААФ, Себастиан Коу. 

„Патеката беше добра, Мислам дека никогаш не сум бил толку нервозен кога сум трчал на сто метри“- изјави Болт по победничкиот круг во кој ги поздрави своите симпатизери

„Ова беше веројатно една од моите најлоши трки. Мојата изведба беше многу лоша, исто како и стартот. На последната делница дури и малку попуштив. Но, не очекував ништо спектакуларно. Не сум се натпреварувал неколку месеци, кога трчав некои штафети на 150 метри во Австралија. Сакав само да останам здрав, и да направам шоу за гледачите. Да им се заблагодарам за сите овие години во кои ми ја даваа подршката“- рече Усеин Болт

Најбрзиот човек на планетата призна дека при влегувањето на стадионот бил исполнет со емоции.

„Атмосферата, подршката која ми ја дадоа тие луѓе едноставно ме ’скрши’. не го очекував тоа. Знаев дека се подготвува нешто големо, дека стадионот же биде полн, и затоа уште еднаш сакам на сите да им се заблагодарам за подршката. Ми беше чест да ја донесам атлетиката на врвот на популарноста. Ќе дадам се од себе дури и кога ќе ги оставам спринтерките, за атлетиката да ја задржи оваа популарност“ - рече 30. годишниот спринтер.

Веќе во август, во Лондон, Болт ќе се обиде да го освои својот 14 медал на Светските првенства. Но ќе се натпреварува само во трката на 100 метри. 

„Знам дека многумина сакаат да ме видат и во трката на 200 метри, но ќе трчам само ’стотка’. Мојата единствена цел ќе биде да дадам се од себе и на крајот да победам, како и секогаш“ - заклучи Болт. 

Најново во Други спортови