ДЕНЕСКА ВО ЛОНДОН СТАРТУВА 16. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Подготвени за последниот удар на молњата?

Дури и тие кои воопшто немаат интерес во светот на атлетиката би требало да го следат 16. Светско првенство во Лондон, каде што за последен пат на големо натпреварување ќе можат да го видат неповторливиот Јусеин Болт

објавено: 4 август 2017 - 10:17

Пред повеќе од 50.000 луѓе на Олимпискиот стадион во Лондон и со милиони зад ТВ екраните, Јусеин Болт ќе го започне своето последно големо натпреварување и тоа веднаш со квалификациите на 100 метри, пред единственото финале на првата вечер, трката на 10.000 метри, создадена за домашниот херој Мо Фара.

Болт има најбрза трка на 100 метри оваа година од 9.95 секунди, додека минатата година имаше 9.88 пред Олимпијадата во Рио. Пред СП во 2015 во Пекинг имаше 9.87, а пред СП во 2013 година 9.85. Секоја година тој го подобруваше времето за да освои злато, но и финалните времиња беа се поспори.

Рекордот од 9.58 поставен во Берлин во 2009 припаѓаат на истиот човек, но во друга ера. Болт сега не доаѓа во Лондон како сензација, туку како „император“ кој сака да ја зачува круната. Со три рунди на 100 метри и 30 секунди тркање, освојувачот на 19 светски и олимписки злата, се наоѓа пред можност да биде победен.

 

Сепак, повеќето од 2.000 атлетичари на првенството, како и главните луѓе на спортот, знаат дека атлетиката е на крстопат. За раст на спортот се потребни нови глобални ѕвезди, а на повидок засега нема некој со електрицитетот на Болт. Профитот на ИААФ е во опаѓање, а претседателот Себастијан Коу самиот признава дека мора да се работи на привлекување на младите на атлетиката.

Тука е и старата болка на спортот, допинг-скандалите - Русија повторно нема да може да настапи на големото натпреварување, исто како на Олимпијадата во Рио бидејќи ИААФ оцени дека не е доволно направено за нивни влез. Сепак, дел од руските спортисти (19) ќе бидат во Лондон, натпреварувајќи се под неутрално знаме. Руското знаме нема да биде дозовлено ниту на стегачите или на лакот на нокти на атлетичарките.

Зад Болт, шампионатот може да биде клучен за 25-годишниот Јужноафриканец Вејд ван Никерк, спектакуларниот светски рекордер на 400 метри, кој доби „услуга“ од ИААФ со промената на календарот за да може да се обиде да оствари двојна победа на 200 и 400 метри, нешто што последен пат го направи Мајкл Џонсон на Олимпијадата во 1996 година. Бидејќи Болт нема да биде на трката на 200 метри, нема да има судир меѓу минатото и иднината.

Ван Никерк не единствениот кој оди на двојно злато. Неговата сонародничка Кастер Семенја, олимписката шампионка на 800 метри, ќе оди и на титула на 1.500 метри. Дискусијата околу нејзиниот пол, односно преголемото ниво на машки хормони повторно ќе биде тука.

ПЕТОК, 04.08

20.00  100 метри (м), 1.рунда

20.20  Фрлање диск (м), квал.

20.30 Скок во далечина (м), квал.

20.35 1.500 метри (ж), квал.

20.45 Скок со стап (ж), квал.

21.20 100 метри (м), 2. рунда

21.45  Фрлање диск (м), квал

22.20 10.000 метри (м), ФИНАЛЕ

 

Најново во Други спортови