СП ВО ОДБОЈКА - МАЖИ (ИТАЛИЈА/БУГАРИЈА)

Бразил го доби дуелот на титаните

објавено: 13 септември 2018 - 22:50

Полна сала, неверојатен дуел и фантастична одбојка! Судирот на титаните меѓу Бразил и Франција се претвори во вистинско одбојкарско ремек-дело и остави без зборови повеќе од 4500 гледачи во "Арена Монбат" во Русе, Бугарија. Актуелниот олимписки шампион беше три поени во минус во финалниот сет, но успеа да се врати и да ја постигне втората победа во групата „Б". Триумфот над Франција од 3-2 (25-20, 25-20, 20-25, 23-25, 15- 12) само најави дека ова светско првенство ќе биде едно од најнеизвесните досега.

Вториот меч кој предизвика огромно внимание беше дуелот на еден од ко-организаторите на првенството, Бугарија и селекцијата на Иран. Жилавите Иранци покажаа дека и натаму го негуваат овој спорт во својата земја и не случајно се во групата на фаворити од сенка. Славеа над фаворизираната Бугарија со 3:1 за максимален ефект по две кола.

Американците и денеска се изнаиграа како и вчера против Србија. Денеска водеа со 2:0 во сетови на дуелот со Австралија, па на крајот мораа во петтиот сет да ја обезбедат втората победа. Србите немаа многу проблеми против селекцијата на Камерун и обезбедија сигурна победа од 3:0, додека бранителот на тронот, Полска, и вторпат дојде до убедлива победа, овој пат над селекцијата на Порторико.

РЕЗУЛТАТИ – 2. КОЛО
ГРУПА „А"
Доминиканска Р. – Јапонија 0:3
Италија – Белгија 3:0
ГРУПА „Б"
Египет – Канада 0:3
Бразил – Франција 3:2
ГРУПА „Ц"
Австралија – САД 2:3
Камерун – Србија 0:3
ГРУПА „Д"
Порторико – Полска 0:3
Иран – Бугарија 3:1

Најново во Други спортови