КАПИТЕНОТ СЕ ЧУВСТВУВАШЕ КАКО ДОМА ВО ШВАЈЦАРИЈА

Ѓоргиев: Игравме со нашите срца, сакаме конечно Македонија да биде на Европско!

Во четвртото коло од квалификациската група Ф, нашата најдобра одбојкарска репрезентација оствари важен триумф над Швајцарија (2:3) и на тој начин останува во трка за пласман на Европското првенство 2019 година што ќе се одржи во четири земји (Белгија, Франција, Холандија, Словенија).

објавено: 25 август 2018 - 22:31

Повторно блескаше Никола Ѓоргиев кој едноставно е незапирлив за секоја репрезентација, овојпат против Швајцарците имаше 33 поени (31 од напад, два од блок):

„Исцрпени сме, но среќни. Ова е трет пат што водевме со 2:0 и пак мораше да играме во петтиот сет. Но, ние игравме со нашите срца. Мислам дека мораме да работиме повеќе на психички план, да не дозволиме гостински мечеви да пропуштаме така лесно. Мислам дека оваа група Ф е многу тешка. Нашите фанови создадоа неверојатна атмосфера овде во Шоненверд. Се чувствував како дома. Ни дадоа дополнителна мотивација за да го освоиме петтиот сет. Отсекогаш сме пропуштале големи настани како Европско првенство само поради еден поен или уште поблиску. Сега сакаме конечно да стигнеме до главниот настан на еден европски шампионат", рече капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев.

Последните и најбитни дуели за пласман на ЕП ќе се одиграат на почетокот од јануари следната година. Најпрвин гостуваме кај Украина, а можно е златниот дуел за пласман на континенталниот собир да го имаме во последната средба дома против Унгарија.

На табелата после четири кола води Украина со максимални 11 бодови, пред Македонија (шест), Швајцарија (четири) и Унгарија (три).

Најново во Други спортови