НА ВТОРОТО ГОСТУВАЊЕ ВО ЕВРОПСКАТА ЛИГА

Ѓоргиев не патува за Рига, Љафтов на поштеда

Првиот организатор на играта, Ѓорѓи Ѓоргиев, одмораше со Косово, а дефинитивно ќе ги пропушти и дуелите со Летонија в среда и Австрија в недела во Скопје. Љафтов патува со тимот, но најверојатно ќе остане на клупата

објавено: 21 мај 2018 - 17:30

Селекторот на одбојкарската репрезентација Љубомир Травица можеби победнички дебитираше на клупата на Македонија, но има сериозни главоболки Србинот во компонирање на тимот.

Во пресрет на второто гостување во групната фаза во Сребрената Европска лига, в среда во Рига, кај Летонија, стратегот и понатаму нема да може да смета на првиот организатор на играта, Ѓорѓи Ѓоргиев. Техничарот одмораше со Косово, а главната улога му беше доделена на Марко Стошиќ Јуниор, кој одново ќе го диктира темпото на тимот и на вториот дуел. Ѓорѓиев дефинитивно ќе го пропушти и натпреварот со Австрија во недела во Скопје, со оглед на тоа дека се уште санира проблеми со коленото.

Александар Љафтов, пак, патува со тимот, но најверојатно ќе остане на клупата, како што беше случај и во мечот со Косово. Универзалецот има проблеми со мускулите на грбот и работи со намален интензитет, но ќе му биде на располагање на Травица доколку е потребен.

Македонија утре рано наутро патува за Рига, а од таму со автобус до Даугавпилс каде го игра вториот натпревар од групата А со Летонија, в среда од 18:30 часот.

Најново во Други спортови