ДВАЈЦА МАКЕДОНСКИ ОДБОЈКАРИ СТАТИСТИЧКИ НАЈДОБРИ

Ѓоргиев прв поентер во квалификациите, Деспотовски најдобар техничар

Двајца македонски одбојкари перфектни во својата конкуренција.

објавено: 11 јануари 2019 - 15:00

Историскиот пласман на Европското првенство на машката одбојкарска репрезентација на Македонија е поткрепен и со уште два статистички моменти - Никола Ѓоргиев е најдобриот поентер, додека Филип Деспотовски е најдобриот организатор на играта во квалификациите.

Нема никаква тајна дека капитенот на Македонија е главната движечка сила во тимот, а тој циклусот го заврши со 217 освоени поени или во просек по 6.78 поени по сет, со што е далеку пред конкуренцијата.

Во топ 10 на листата на поентери друштво му прави и Александар Љафтов, кој е четврти стрелец во квалификации со 114 поени освоени на шест натпревари или во просек по 3.56 поени по сет.

Искусниот техничар Филип Деспотовски иако не беше прв избор на селекторот Никола Матијашевиќ е прв во својата конкуренција. Деспотовски добиваше шанса како втор техничар, а неговата организацијата на играта на нашиот тим е со 65,38% ефикасност, што го прави број еден.

Македонија од 12 до 29 септември годинава премирно ќе се појави на едно Европско првенство, а ждрепката за групната фаза е закажана за 16 јануари во Брисел.

Најново во Други спортови