КАПИТЕНОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ВЕЧЕН ОПТИМИСТ

ЃОРЃИЕВ: Ф4 е најважен момент, имаме план Б за повредените

„Новиот селектор размислува како и играчите, Ф4 турнирот во Скопје е најважен за нас", вели капитенот на националниот тим и додава „Што се однесува до повредените играчи кои нема да може да помогнат имаме план Б."

објавено: 9 мај 2018 - 15:30

Најдобрата машка одбојкарска репрезентација втор ден веќе е во Маврово и ја одработува првата фаза од подготовките за настапот во Сребрената Европска лига 2018. Капитенот Никола Ѓорѓиев е еден од петтемина кои се појавија на првата прозивка на селекторот Љубомир Травица, а од денеска тимот треба да биде надополнет и со репрезентативци од домашното првенство (вчера заврши финалето на „плеј-офот").

Коректорот е вечен оптимист, па и сега гледа позитивно во пресрет на новата акција и покрај фактот дека екипата ќе има сериозен проблем на позицијата среден блокер каде ќе недостасуваат стартерите Ѓоко Јосифов (семејни причини, чека дете) и Ристо Клопчевски (повреда на коленото).

„Новиот селектор е фантастичен стратег и по само два-три тренинзи јасно е дека ќе имаме одлична соработка. Тој размислува исто како нас играчите, односно дека Ф4 турнирот во Скопје е најважен за нас. Имаме доволно време до 15 и 16 јуни за да ја достигнеме оптималната форма како тим и во најважните натпревари да одиграме најдобро. Секако, тоа не ни дава за право во групната фаза да имаме шест порази, но директниот пласман на Ф4 како организатори ни остава простор да не се оптоваруваме резултатски во следните месец дена", заклучува капитенот Никола Ѓоргиев и додава:
„Што се однесува до проблемите кои ги имаме во тимот, ќе мора да примениме план Б за да го надоместиме хендикепот од загубата на Клопчевски и Јосифов. Ќе пробаме со млади сили и со поддршка на целиот тим да се покрие и таа позиција."

Македонија има десет дена до стартот на настапот во групната фаза од Сребрената Европска лига, на гостувањето во Косово, на 20 мај во рамките од групата А.

Најново во Други спортови