ОДБОЈКАРИТЕ ПРЕД ТЕШКО ГОСТУВАЊЕ

Ѓорѓиев: Се надевам на голема победа против Летонија

Откако успешно стартува во елитното натпреварување победувајќи го Косово, македонската репрезентација денеска ќе го игра вториот натпревар

објавено: 23 мај 2018 - 15:10

Откако успешно стартува во Сребрената европска лига, победувајќи го Косово, македонската репрезентација денеска (18.30 часот) ќе го игра вториот натпревар и тој на гости како и првиот. Македонија и гостува на Летонија во обид да постигне и втора победа. Летонците во првиот меч ја совладаа селекцијата на Австрија како гости со 3:1, a Македонија го победи Косово со 3:1.

Македонија е организатор на фајнал - фор турнирот во Сребрената европска лига што ќе се одржи на 15 и 16 јуни што значи пласманот таму ни е гарантиран независно од пласманот во групата. 

„Атмосферата во македонскиот тим е одлична по победата во Косово. Ќе биде голема борба на мечот со Летонија. Секако се надеваме на голема победа и продолжување на победничкиот пат", вели Никола Ѓорѓиев, капитенот и моторната сила на македонскиот тим.

Пред четири години Македонија играше два меча со Летонија во рамките на ЕЛ, оној на домашен терен го доби со 3:0, а гостинскиот меч го изгуби со 1:3.


Учесници во Европската лига сезонава се репрезентациите на Македонија, Австрија, Летонија и Косово (Група А) и Белорусија, Хрватска, Унгарија, Албанија (Група Б). Домашните мечеви Македонија ќе ги игра во СРЦ Кале во Скопје и тоа со Австрија на 27 мај, со Летонија на 3 јуни и со Косово на 6 јуни.Пласман на ЕП ќе избори првпласираната и евентуално второпласираната селекција од нашата група. Македонија досега не учествувала на една завршница на ЕП.

Најново во Други спортови