ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ДЕЦЕНИИ НЕУСПЕШНИ ОБИДИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП

ЉАФТОВ: „Време е сами да си ја завршиме работата"

„Учиме од сопствените грешки. Треба да ја одработиме сами работата од почеток до крај за потоа да не биде да жалиме поради еден сет, еден бод, еден меч... По толку пехови, се надевам дека конечно и среќата ќе биде на наша страна" – дециден е одбојкарскиот репрезентативец.

објавено: 8 август 2018 - 09:00

Македонските одбојкари 24 години (првиот настап во еден квалификациски циклус за ЕП го имаат 1994/95 година) чекаат, играат, се борат за учество на едно Европско првенство.

Промената на правилата и зголемениот број од 16 на 24 репрезентации кои може да бидат дел од континенталниот собир е она што носи надеж дека генерацијата на браќата Ѓоргиеви, Љафтов, Милев, Деспотовски, Милков... може да биде онаа која ќе испише историја и ќе ни го донесе толку посакуваниот настап на едно големо натпреварување.

Oдбојкарите се порешителни од било кога дека оваа шанса нема да ја пропуштат и самите ќе се погрижат тоа да биде така.

„Меѓусебно зборуваме за сите ситуации во кои сме биле, се што ни било на дофат, а сме пропуштиле... Но, тоа го оставаме зад нас. Нема време за жалење. Имаме историска шанса, свесни сме за тоа, неизмерно мотивирани и работиме да се подготвиме најдобро што можеме за на највисоко ниво да го дочекаме почетокот на квалификациите.
Учиме од сопствените грешки. Треба да одработиме сами работата од почеток до крај за потоа да не биде да жалиме поради еден сет, еден бод, еден меч... По толку пехови, се надевам дека конечно и среќата ќе биде на наша страна", коментира примачот на репрезентацијата Александар Љафтов.

Македонија пласман на ЕП ќе брка преку групата Ф каде за противници ги има Унгарија, Украина и Швајцарија, а каде е потребно да заврши на првото место или, пак, како најдобра втора во комплетните квалификации да дојде до евро-билет.

Циклусот за нашите одбојкари стартува на 15 август во Будимпешта.

Најново во Други спортови