ОДБОЈКАРИТЕ ПРЕМИЕРНО НА КОНТИНЕНТАЛЕН СОБИР

МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКООО: "Спартанците" испишаа историја

Со максимална победа над Унгарија во последно коло од групата Ф од квалификациите за ЕП 2019, нашите најдобри одбојкари за првпат обезбедија настап на едно Европско првенство.

објавено: 9 јануари 2019 - 21:43

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија е четвртата екипна селекција, која ќе не претставува на едно Европско првенство.

"Спартанците" испишаа историја и ќе патуваат на Европското првенство кое од 12 до 29 септември ќе се одржи во Франција, Словенија, Белгија и Холандија, а на кое за прв пат ќе учествуваат 24 репрезентации.

Тие забележаа максимална победа над Унгарија со 3-0 (25-21, 25-20, 25-21), вечерва во СРЦ Кале, во последно коло од групата Ф од квалификациите за ЕП 2019.

Имаа се во свои раце избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ, откако Шведска и Летонија одиграа и за нас.

Така и се однесуваа на теренот. Знаеја точно што сакаат, играа мирно, со постојана контрола на случувањата во игра и во ниту еден момент не и дадоа шанса на Унгарија да се надева.

Македонија ја користи втората шанса да се пласира на ЕП. Првата ја имаше пред една деценија кога Чешка ни пресуди со "златен сет".

Одбојкарската репрезентација ќе биде четвртата сениорска селекција по ракометната, кошаркарската и ватерполо тимот кои настапиле на едно ЕП.

 

СИТЕ УЧЕСНИЦИ НА ЕП 2019

Најново во Други спортови