ДОБИВААТ ГОЛЕМО ЗАСИЛУВАЊЕ

РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ СЕ ВРАЌА ДОМА: Стошиќ ќе го организира Вардар

По шест сезони како интернационалец, техничарот се враќа во Скопје и ќе го облече „црвено-црниот" дрес.

објавено: 8 март 2018 - 14:46

Организаторот на играта на македонската одбојкарска репрезентација, Марко Јуниор Стошиќ е новото засилување за ОК Вардар.

По шест сезони градење на интернационална кариера (во Ал Вакра - Катар, Крка - Словенија и Вајз – Австрија) техничарот одлучи да се врати во „црвено-црните" редови.
Стошиќ треба да го надогради тимот на Вардар и во вистинска смисла на зборот да го крене нивото на организација на играта на тимот, кој се стреми кон враќање на двојната круна во вардаровите редови.

„Со големо задоволство се враќам дома по точно шест години настап во странство. Првиот дел од сезоната настапував во Австрија, но се одлучив за враќање дома, односно во редовите на Вардар. Среќен сум што сум во Скопје, привилегија е да се игра дома.
Во Вардар ќе бидам во друштво на репрезентативните колеги Ангеловски, Клопчевски, Симовски, како и Блажовски и Србинот Драгиќ, со поддршка на младите играчи, а најавени се и нови засилувања. Имаме одлична екипа и се надевам на голем успех во пролетниот дел од првенството.
Мислам дека во вистински момент се враќам дома", потенцира Стошиќ.

Марко Стошиќ Јуниор со националниот тим на Македонија лани го освои сребрениот медал во Европската лига 2017, а сезонава со репрезентацијата ќе го брка златниот медал во Евро-лигата, како и пласман на ЕП 2019.

Најново во Други спортови