ОДБОЈКАРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО ЗАВРШНА ФАЗА ОД ПОДГОТОВКИТЕ

Резултатот ќе биде одраз на сработеното

„За квалитетот со кој располагаме уште не можам да се изјаснам. Сега е тоа на ред да утврдиме", коментира селекторот Матијашевиќ

објавено: 7 август 2018 - 16:30

Најдобрата машка одбојкарска репрезентација од вчера е во Скопје каде продолжува со подготовките за квалификациите за Европското првенство 2019, кој го стартува на 15 август со гостувањето кај Унгарија, во рамките од групата Ф. По 15-тина дена во Маврово, тимот сега се аклиматизира на престолнината, односно на СРЦ „Кале", кој ќе биде дом на одбојкарите во двата дуели кои ги играат пред своите фанови во оваа фаза од циклусот.

Селекторот Никола Матијашевиќ, кој во пресрет на оваа акција седна на клупата на Македонија полека ја дефинира сликата за екипата со која располага, но и натаму се воздржува да го коментира квалитетот.

„Презадоволен сум од ангажманот на сите играчи кои ги имам на располагање. Секој го дава максимумот. Имавме одлични услови за работа во Маврово, токму она што ни е потребно, комплетна изолација, за да може тимот да се фокусира на главната цел.
Сега се адаптираме на Скопје и влегуваме во онаа завршна приказна, односно дефинирање на формата. Имаме и малку и многу време, зависи како се гледа. Овие денови ќе се воигруваме, ќе работиме на техничко-тактички план, а секако пријателските дуели со Албанија ќе бидат завршната проверка. За квалитетот со кој располагаме уште не можам да се изјаснам. Сега е тоа на ред да утврдиме. Момците се силно мотивирани, но дали е тоа доволно за резултат ќе видиме. Од друга страна можеби и резултатот ќе биде одраз на сработеното, а досега работиме одлично" - задоволно заклучува селекторот на Македонија Никола Матијашевиќ.

Најново во Други спортови