БЕЗ РЕШЕНИЕ И НА ВТОРИОТ МЕЧ

УШТЕ ЧЕКААТ РАДОСТ ДОМА: Одбојкарите повторно поразени од Летонија во Европската лига

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија и натаму чека радост пред својата публика во групната фаза од Сребрената Европска лига, откако вечерва во СРЦ "Кале" загуби од Летонија со 0:3 (26:28, 27:29, 17:25).

објавено: 3 јуни 2018 - 21:45

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија и натаму чека радост пред својата публика во групната фаза од Сребрената Европска лига, откако вечерва во СРЦ "Кале" загуби од Летонија со 0:3 (26:28, 27:29, 17:25).

Одиграа одлично во првите два сета репрезентативците, но откако не ги посака среќата, во завршниот сет едноставно не делуваа како свои и мораа да се помират со убедливиот пораз.

Изедначен прв сет одиграа Македонија и Летонија, каде две технички грешки во финишот пресудија во корист на ривалот. Момците на Травица имаа водство од 10:7, но не го скротија сервисот на противникот и тоа донесе егал, 11:11, за во таков стил да се игра до крајот на сетот. Летонија ја искористи третата сет-топка за 26:28, односно водство од 0:1.

Фуриозно влезе Македонија во вториот сет. Како да сакаа да надоместат одбојкарите за она што го пропуштија претходно. Тргнаа со серија 6:1, таа прерасна во 10:3 со одличниот Љафтов на сервис. Држеа ритам момците до 15:6, кога ја имаа и највисоката предност. Кога беше најпотребно да се држи темпото до крај, Македонија влезе во сериозни проблеми со приемот на сервис на Заворотнијс, па гостите дојдоа до 16:15, односно 18:18 за нова драма во завршницата. Македонија имаше три шанси да го освои сетот, не искористи ниту една, а тоа скапо го плати, 27:29 и 0:2 негатива.

По двата загубени сета на разлика падна моралот во тимот. Се обидоа нашите репрезентативци да се вратат во игра, но Летонија ја искористи кризата за да создаде водство од 3:7, 8:11... Лошиот прием на сервис, отсуството на блок (Македонија имаше само два блока во целиот меч) како и осцилациите во одбраната го направија своето и одбојкарите го претрпеа четвртиот пораз во петтиот натпревар од Сребрената Европска лига.

Капитенот Никола Ѓоргиев со 15 и Александар Љафтов со 12 поени беа најефикасни во нашиот табор.

Во последното коло од групната фаза Македонија ќе го пречека Косово, в среда (20:15 часот) во СРЦ "Кале" во Скопје.

Најново во Други спортови