МОБИЛИЗАЦИЈА ПРЕД НАЈГОЛЕМАТА ШАНСА

ВРАЌАЊЕ НА ИСКУСНИТЕ: Деспотовски и Милков повторно во тимот

Познати искусни одбојкари се враќаат во репрезентацијата со една цел – пласман на ЕП 2019.

објавено: 19 јули 2018 - 11:00

Одбојкарската машка репрезентацијата в петок, во Маврово ги започнува подготовките за квалификациите за Европското првенство 2019, а интересно е што новиот селектор Никола Матијашевиќ ќе располага со еден поинаков тим.

Поточно во репрезентацијата се враќаат техничарот Филип Деспотовски (пред година дена одлучи да се повлече од настап), како и примачот Александар Милков (пред четири години се прости од националниот тим), а ОФМ е во разговори и со коректорот Јовица Симовски и средниот блокер Ѓоко Јосифов да му се приклучат на тимот.

„Федерацијата е во општа мобилизација, бидејќи овој европски циклус може да ни го донесе она за што се боревме овие седум – осум години, пласман на едно ЕП. Филип Деспотовски и Александар Милков се враќаат во тимот, со нив е веќе договорено, а во моментов разговараме со Јовица Симовски и Ѓоко Јосифов исто така да го облечат националниот дрес. Верувам дека и Симовски ќе се приклучи во Маврово, останува само некои детали да дефинираме. Желбата и целта е сè што вреди да се врати во националниот тим за следната година премиерно да се најдеме на едно ЕП", потенцираше првиот човек на ОФМ, Петар Јовановски.

Македонија во квалификациите за ЕП 2019 е дел од групата Ф, заедно со Украина, Швајцарија и Унгарија. Европското првенство 2019 во машка конкуренција ќе биде првото на кое наместо 16 ќе настапат 24 репрезентации и ќе има четири земји организатори – Белгија, Франција, Холандија и Словенија.

Најново во Други спортови