Крај на натпреварите во гимнастика

Бајлс се врати на врвот, злато и за Германија

Американката Симоне Бајлс се врати по потпросечниот настап на гредата (каде што освои бронза), за да биде убедлива во партерот и да стигне до четврто злато од Рио

објавено: 16 август 2016 - 22:00

Бајлс освен тимското злато победи и во повеќебојот и прескокот, а има и бронза во гредата. Бајлс се приклучи на Екатерина Сабо (1984), Вера Чаславска (1968) и Лариса Латинина (1956) како единствени гимнастичарки со четири злата на една Олимпијада.

19-годишната актуелна трикратна шампионка во повеќебој беше апсолутна фаворитка во партерот доминирајќи пред сонародничката Ели Рајсман, додека Британката Ејми Тинклер освои бронза.

 

Олег Верниајев стигна до втор медал во Рио и прво злато за Украина, откако освои злато во разбојот пред Американецот Данел Лејва, додека Русинот Давид Белјавскиј освои бронза. Актуелниот светски шампион, Кинезот Јоу Хао падна при доскокот и заврши како осми. Кина не освои медал на овие Олимписки игри во гимнастика.

Германската гимнастичка ѕвезда Фабијан Хамбихен освои злато во вратилото пред Американецот Лејва и Британецот Најл Вилсон, со што се „скрши“ клетвата на германскиот тим, со прво гимнастичко злато од Атланта 1996.

28-годишниот Хамбихен, кој има 27 медали на меѓународните натпреварувања, имаше бронза во Пекинг 2008 и сребро во Лондон 2012.

РАЗБОЈ (М)

1.Олег Верниајев (Укр) 16.041

2.Данел Лејва (САД) 15.900

3.Давид Белјавскиј (Рус) 15.783

ПАРТЕР (Ж)

1.Симоне Бајлс (САД) 15.966

2.Александра Рајсман (САД) 15.500

3.Ејми Тинклер (Бри) 14.993

ВРАТИЛО (М)

1.Фабијан Хамбихен (Гер) 15.776

2.Данел Лејва (САД) 15.500

3.Најл Вилсон (Бри) 15.466

Најново во [Спортмедиа]