НОВ БОКСЕРСКИ СРАМ

Головкин го разби Алварез, а потоа на сцена стапија судиите! (ВИДЕО)

Дури и фановите на Мексиканецот кои беа во голем број во Лас Вегас упатија свирежи по одлуката на судиите овој меч да заврши без победник...

објавено: 17 септември 2017 - 11:00

Мечот за светски првак во средна категорија помеѓу Генадиј „ГГГ" Головкин и Саул „Канело" Алварез, кој рано изутринава се одигра во „Т-мобил" Арената во Лас Вегас заврши – нерешено!

Еден од најдолго очекуваните мечеви во поновата историја на боксот, после оној помеѓу Мејведер и Мекгрегор од спектакл се претвори во невидена фарса.
Непосредно пред да почне мечот, обложувалниците го намалија коефициентот за реми од 30 на 15, а дека има нешто сомнително се виде и на крајот од битката.

Головкин, кој со овој резултат ги задржа титулите во ВБА, ВБЦ и ИБФ верзиите, доминираше скоро во целиот тек на натпреварот, и вистинско чудо е како Канело го дочека крајот на 12 рунда на две нозе.
Мексиканецот почна подобро, добро го раздрма својот противник од Казахстан, но само во уводните рунди. И сигурно не доби дури десет од нив како што пресуди судијката Аделаид Бирд. Токму нејзиното гласање беше шокантно, па дури и за лаиците кои дојдоа во Лас Вегас да гледаат „тепање"', затоа што „од авион" се гледаше дека Головкин е победникот.
Но, нејзината одлука беше 118:110 во корист на Мексиканецот, додека пак другите двајца судии (при)донесоа сето тоа да оди кон реми!!!

„Го стискав во секоја рунда. Добро е што и понатаму ги држам сите појаси, сеуште сум првак, но секако, сакам реванш"- рече Головкин кој беше дочекан со овации од публиката.

Мексиканците знаат бокс, и сигурно подобро од судиската тројка, па испратија свирежи кон својот миленик.

„Освоив седум или осум рунди. Најмалку три пати во 'задрмав' и затоа се чувствувам фрустрирано поради ова реми. Ако сака реванш, ќе го добие" – порача Алварес.

Така, една судиска бламажа во сенка го фрли овој фантастичен меч кој ги оправда сите боксерски очекувања. Врвни 12 рунди бокс, меч во кој и некое мало дете би пресудило поинаку од овие тројца.

Најново во Други спортови