Ќе има ли уште една спектакуларна борба?

Хабиб го предизвикува Мејведер: Џунглата треба да има само еден цар!

Мејведер минатата година се сретна со Конор Мекгрегор и успеа да го победи во меч кој беше всушност боксерски дуел.

објавено: 16 октомври 2018 - 15:16

UFC шампионот Хабиб Нурмагамедов го предизвика легендарниот американски боксер Флојд Мејведер на борба која може да биде прогласена за битка на деценијата, објавија денеска руските медиуми. Извори од таборот на Дагестанецот велат дека до борбата може да дојде многу лесно, само се чека согласност од двата табори.

Хабиб Нурмагамедов, кој победи на сите свои 27 професионални борби во мешани боречки вештини, сака да го совлада и победникот на 50 боксерски дуели, професионалниот боксер и шампион, Флојд Мејведер.

Фактот дека Мејведер и Нурмагомедов се натпреваруваат во два различни спортови не треба да биде пречка за борбата. Мејведер минатата година се сретна со Конор Мекгрегор и успеа да го победи во меч кој беше всушност боксерски дуел. Останува да се види дали Русинот е подготвен за нешто слично, или ќе го кани Мејведер во неговата UFC дисциплина.

„Флојд, ајде да го направиме тоа. Треба да се бориме. Ние сме двајца кои никогаш не загубиле. Ајде да го организираме овој настан и да видиме кој е подобар, затоа што џунглата треба да има само еден цар", изјавил Дагестанецот.

Најново во Други спортови