Индивидуалните награди заминаа кај тенисот и ракометот

Хет-трик за Лазаров, Ѓорческа најдобра дама

Како што најави и „Спортмедиа" капитенот на македонската ракометна репрезентација беше прогласен за спортист на 2016 година, негова трета во кариерата. За најдобра дама беше прогласена тенисерката Лина Ѓорческа

објавено: 23 декември 2016 - 21:07

По трет пат во својата кариера, Кире Лазаров е добитник на наградата спортист на годината во изборот на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на Спортски федерации.

Нашиот најуспешен ракометар, на вечерашната церемонија ги „победи" Томи Стефановски (пливање), Емил Павлов (карате), Никола Ѓорѓиев (одбојка) и Милан Кубин (кик бокс).

„Почитувани спортисти и спортски работници, се чувствувам гордо и задоволно да бидам избран за спортист на 2016 година. Како една ретроспектива можам да кажам дека имавме турбулентна и успешна година. Од грешките се учи и се надевам дека така ќе биде и овој пат. Спортот инспирира и обединува, а ние во последно време не изгледаме така. Се надевам ние како спортисти и национални селекции дека ќе ја претставуваме Македонија во добро светло" изјави Лазаров и додаде.

 

„Јас секогаш сум амбициозен, можеби и некогаш нереално амбициозен. Веќе неколку дена работиме на Маврово. Во Франција ќе одиме скромно, бидејќи на некој начин сме аутсајдери. Имаме промена на тимот, но можам да кажам дека Македонија има иднина, тоа можам да го потврдам кога станува збор за ракометот. Со сплотеност и обединетост можеме да направиме големи резултати" додаде ракометарот.

За најдобар спортист во женска конкуренција беше прогласена Лина Ѓорческа.

„Се надевам дека ќе ја оправдам оваа улога и багодарност до сите тие што ми помогнаа да стигнам тука. Се надевам дека ќе ја оправдам улогата на Австралија Опен и им посакувам среќа на младите фудбалери на ЕП во Полска. Би сакала наредната година да биде исполнета со уште поголеи успеси и да се видиме сите тука пак, повторно" истакна Ѓорческа.

Најдобри национални тимови се младата фудбалска репрезентација која успеа да се пласира на Европското првенство во Полска. Како и женската ракометна селекција со пласманот во баражот за Светското првенство во Германија, идната година.

ТАЛЕСКИ И ПЕНДАРОВСКА СЕ НАЈДОБРИ МЛАДИНЦИ

Филип Талески и Моника Пендаровска ги добија признанијата „најдобри" за 2016 година. Ракометарот на Металург и една од нашите најдобри каратисти која имаше блескава сезона зад себе.

„Чест ми ешто втора година по ред ја добивам наградата. Цела година напорно работиме и на крајот убаво е кога ќе добиеш вакво признание. Сето ова ти дава поголем стимул за работа, а се надевам дека оваа награда ќе ми даде уште мотив за уште поквалитетна работа" изјави Талески.

Селекторот на младата репрезентација, Благоја Милевски, пак, го доби признанието најдобар тренер за 2016 година.

ДОБИТНИЦИ НА НАГРАДИТЕ
НАЈДОБАР УЧИЛИШЕН КЛУБ ОД ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА: ОУ „Гоце Делчев" од општина Илинден

НАЈДОБАР УЧИЛИШЕН СПОРТСКИ КЛУБ ОД СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА: Гимназија „Гоце Делчев" од Куманово

НАЈДОБАР УНИВЕРЗИТЕТСКИ СПОРТСКИ КЛУБ: Женски Ката карате тим во борби од Универзитет „Кирил и Методиј"

НАЈДОБАР МЛАД СПОРТИСТ: Филип Талески (ракомет)

НАЈДОБРА МЛАДА СПОРТИСТКА: Моника Пендаровска (карате)

НАЈДОБАР СПОРТИСТ НА ЛИЦЕ СО ИВАЛИДИТЕТ: Оливера Наковска – Бикова (стрелаштво)

НАЈУСПЕШЕН ЖЕНСКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ: Ракометна репрезентација

НАЈУСПЕШЕН МАШКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ: Фудбалска репрезентација до 21 година

НАЈДОБАР СЕЛЕКТОР: Благоја Милевски

НАЈУСПЕШНА НАЦИОНАЛНА ФЕДЕРАЦИЈА: Карате Федерација

СПОРТИСТКА НА ГОДИНАТА: Лина Ѓорческа (тенис)

СПОРТИСТ НА ГОДИНАТА: Кире Лазаров (ракомет)

Најново во Други спортови