На 8. и 9. април „Старата Дама“ ќе го дочека и 50. издание

ИКАС е бренд, Матка е подготвена за јубилејното 50. издание

Традиционалниот Илинденски кајак слалом, или популарно ИКАС годинава ќе го има своето јубилејно издание. На 8. и 9. април на патеката на Матка по 50. пат ќе се одржи една од најпознатите кајак трки во Европа

објавено: 15 март 2018 - 16:30

Традиционалниот Илинденски кајак слалом, или популарно ИКАС годинава ќе го има своето јубилејно издание. На 8. и 9. април на патеката на Матка по 50. пат ќе се одржи една од најпознатите кајак трки во Европа. Се очекува рекорден број на учесници на трката која и годинава ќе биде организирана во соработка со Агенцијата за млади и спорт и со Град Скопје.

„Илинденскиот кајак слалом е втората најстара манифестација со долга традиција. Агенцијата за млади и спорт ја продолжува заложбата за промоција на патеката Матка. Европската кајакарска федерација донесе одлука паралелно со ИКАС овде да се одржи и првото коло од Светскиот куп во спуст. Вакви настани безрезервно и во иднина ќе бидат поддржани од АМСМ. Не само поради важноста и промоцијата на кајак спортот во Македонија, туку и да се претставиме како добри домаќини", рече Дарко Каевски, директорот на АМС.

Долги години една од главните алки во организација на ИКАС е и познатиот наш кајакар Атанас Николовски.Тој истакна дека досега се пријавени натпреварувачи од 14 земји, но рокот за пријавивање се уште тече и според интересот се очекуваат уште учесници.

„Илинденски кајак слалом е настан -бренд кој трае 50 години во континуитет. И тоа благодарение на ентузијасти волонтери и љубители на овој спорт и со поддршката што ја имаме од АМСМ и од Град Скопје. Очекуваме јубилејното 50. издание да биде најмасовно досега. Матка е подготвена да биде добар домаќин", рече Николовски.

Најново во Други спортови