НА КАРПЕСТИТЕ ПЛАНИНИ ВО КОЛОРАДО

Италијански хет-трик и шведско изненадување за крај на сезоната

Сезоната од Светскиот куп во алпско скијање заврши со последните две трки на финалето во Аспен, САД. Во женскиот велеслалом имаше италијанска 1-2-3 победа и кристал за Теса Ворлеј, додека во слалом Андре Мирер успеа да направи изненадување

објавено: 19 март 2017 - 20:27

Французинката Ворлеј го освои кристалниот глобас во велеслалом со конзервативна трка, додека Брињоне предводеше италијанска 1-2-3 победа со 1.44 секунди предност пред Софија Гоџија, додека трета беше Марта Басино. Ворлеј на крајот заврши на петтото место, додека нејзината најблиска конкурентка за титулата, шампионката во генерален пласман, Микаела Шифрин беше шеста.

„Сакав да биде едноставно. Задоволна сум од мојата сезона и сега конечно го имам трофејот“, вели Ворлеј.

Таа заврши со 85 поени предност пред Шифрин, која ќе се задоволи со трофејот во генерален пласман и титулата во слалом.

„Жал ми е што заврши сезоната. Физички е напорно на крајот на сезоната, а и ментално си исцрпен, но сепак тагата е тука. Следната година е олимписка и ќе биде уште подобра“, вели Шифрин.

Последната трка од сезоната беше машкиот слалом во кој шведскиот ветеран Андре Мирер стигна до победа со 0.14 секунди предност пред Германецот Феликс Нојројтер. Марсел Хиршер, сезоната во која го освои рекордниот шести кристален глобус во генерален пласман ја заврши со пласман на четвртото место.

СЛАЛОМ (М) - АСПЕН (САД)

1.Андре Мирер (Шва) 1:27.97

2.Феликс Нојројтер (Гер) 1:28.11

3.Михаел Мат (Авт) 1:28.12

4.Марсел Хиршер (Авт) 1:28.29

5.Манфред Мелг (Ита )1:28.40

ВЕЛЕСЛАЛОМ (Ж) - АСПЕН (САД)

1.Федерика Брињоне (Ита) 1:58.01

2.Софија Гоџија (Ита) 1:59.45

3.Марта Басино (Ита) 1:59.48

4.Викторија Ребензбург (Гер) 1:59.53

5.Теса Ворлеј (Фра) 1:59.84

Најново во Други спортови