во собранието на РМ ВРАчЕНИ државните НАГРАДИ

Лазар Лечиќ ја доби наградата „8 Септември“ за животно дело

Покрај него, наградата ја добија и алпинистот Здравко Дејановиќ, легендарниот каратист Димче Кичевски (посмртно), боксерскиот тренер Руждија Калач и кик-бокс селекторот Љупчо Стојчевски

објавено: 8 септември 2015 - 14:34

Кошаркарската легенда Лазар Лечиќ, кого често го нарекуваат татко на кошарката во Македонија,е добитник на државната награда за животно дело во областа на спортот „8 Септември“ за 2015 година. Покрај него, годинашни лауреати се уште и алпинистот Здравко Дејановиќ, легендарниот каратист Димче Кичевски (посмртно), боксерскиот тренер Руждија Калач и кик-бокс селекторот Љупчо Стојчевски.

Паричниот износ на наградата "8ми Септември" за животно дело е доживотна месечна исплата на една просечна плата исплатена во последните три месеца на тековната година. Другите четворица ќе добијат еднократен износ од десет просечни месечни плати исплатени во последните три месеци во тековната година.

Наградите им беа доделени на свечена церемонија во Собранието на Република Македонија што се одржа денеска по повод Денот на независноста на Републиката.

Во име на наградените се заблагодари Лечиќ.

„Ова е дело на 50-годишна работа во која се вградени сите, од играчите до навивачите. Дадов многу за Македонија, а таа ми се реваншираше,“ изјави Лечиќ.

Наградата „8 Септември“ се доделува по четврти пат на заслужни спортски работници кои ја промовирале Македонија во светот.

За наградата за животно дело беа пријавени и Венцислав Недев традиционално карате), Владимир Радиќ (ракометен тренер), и Петар Алексовски (спортски работник). За државните награди кои се доделуваат на четири кандидати, аплицираа и новинарот Кирил Манев, ракометниот тренер Ристо Магдинчев и Сашо Поповски.

Досегашни добитници на наградата за животно дело се долгогодишниот селектор на борачите Насе Насев (2012), поранешниот кошаркарски селектор Марин Докузовски (2013) и селекторот на стрелците Стеван Крстевски (2014),

 Фото: Македонски олимписки комитет

Најново во Други спортови