ИТАЛИЈАНЕЦОТ СО СЛАВНА ПОБЕДА НА ХАНЕНКАМ

„Лудиот" Парис го освои храмот во Кицбил

Италијанскиот „лудак", Доминик Парис по вторпат во кариерата ја скроти патеката Штрајф во Кицбил, триумфирајќи на најпознатиот спуст на Светскиот куп

објавено: 21 јануари 2017 - 13:18

Парис успеа да постави најдобро време на славната Ханенкам падина за да победи со време од 1:55.01, победувајќи двајца Французи - Валентин Жиро Моан (за 0.21 секунди)  и Јохан Кларе (за 0.33 секунди). За Италија ова е втор триумф во низа во Кицбил, откако лани триумфираше Петер Фил, кој овојпат заврши на четвртото место.

Супер-тешката патека не успеа да ја помине швајцарскиот фаворит Беат Фојц, кој имаше време за победа пред да заврши во заштитната ограда. За среќа тој помина без повреда, исто како и домашниот фаворит Макс Франц.

Меѓу 60-тина илјади австриски фанови на најголемата трка на календарот беа и Арнолд Шварценегер, Ники Лауда, како и Ф1-шефот, Британецот Берни Еклстоун. Домашните потфрлија под притисокот - победникот на петочната супер-џи трка, Матијас Маер беше осми, пред поранешниот победник Ханес Рајхелт.

Ова е седма победа во кариерата за 27-годишниот Парис, кој има репутација за еден од „најлудите“ скијачи во Светскиот куп. Парис, кој скија од својата трета година во родниот јужен Тирол, си замина од училиштето на 16 години (поради „проблеми со директорот“), по што работеше како ѕидар, но и овчар на Алпите.

Признавајќи дека „100-те дена како овчар“ му го „спасиле животот“, Парис се фокусираше на скијањето и стана еден од најдобрите брзински скијачи.

Ова е инаку трета победа на Штрајф во Кицбил за Парис, откако во 2013 година триумфираше на славниот спуст, а во 2015 ја доби супер-џи трката. Парис има и сребрен медал во спуст од СП во Шладминг во 2013 година.

СПУСТ (М) - КИЦБИЛ (АВТ)

1.Доминик Парис (Ита) 1:55.01

2.Валентин Жиро Моан (Фра) +0.21

3.Јохан Кларе (Фра) +0.33

4.Петер Фил (Ита) +0.40

5.Карло Јанка (Шва) +0.44

Најново во Други спортови