МОК СО ФИНАЛНИ ПОДГОТОВКИ ЗА МИ 2018

МАКЕДОНИЈА ЧЕКА НА ТАРАГОНА: В среда е ждрепката за ривалите на Медитеранските игри

Машката и женската ракометна репрезентација, како и одбојкарите и репрезентацијата „три на три" баскет в среда попладне треба да ги добијат противниците за МИ 2018, на ждрепка која ќе се одржи во градот домаќин Тарагона

објавено: 7 мај 2018 - 14:20

Четирите екипни претставници на Македонија на второто учество на Медитеранските игри, кое ќе се одржи во Тарагона, Шпанија, машката ракометна репрезентација, женската ракометна селекција, машкиот одбојкарски национален тим, како и репрезентацијата баскет „три на три", в среда, на ждрепката во градот домаќин ќе ги добие противниците во својата конкуренција.

Ждрепката е закажана за 17 часот попладне, а од МОК информираат дека в четврток наутро треба да ги имаат официјалните информации, како и комплетниот распоред на натпреварувањето.

„За в среда попладне е закажана ждрепката во Тарагона за нашите екипни претставници, а со оглед на масовноста на спортовите, како и фактот дека организацијата е во завршна фаза во четврток рано наутро ќе ги имаме официјалните информации како и комплетниот распоред на натпреварување на нашите репрезентации. Начинот на натпреварување, односно дали тоа ќе биде во групна фаза, па потоа разигрување или пак, лига-систем се ќе зависи од бројот на пријавени учесници по спортови" – изјави за Спортмедиа.мк, спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски, кој воедно е и шеф на делегацијата.

На второто учество на Медитеранските игри (премиерата Македонија ја имаше на изданието во Мерсин, во 2013 година) нашата делегација ќе брои околу 120 учесници, од кои 91 спортист, каде покрај екипите спортови имаше и преставници во карате, борење, атлетика...

„Радува фактот дека по вторпат нашите спортисти ќе може да ги измерат силите со конкуренцијата од медитеранските земји. Она што морам да го потенцирам е дека за ова учество имаме и поддршка од државата, која преку Агенцијата за млади и спорт вети финансиска помош од 50 илјади евра, односно дека таа ќе ги покрие трошоците за авионските билети за сите учесници" – потенцираше Богоевски.

Годинава е 18-тото издание на Медитеранските игри, кои ќе се одржат од 22 јуни до 1 јули 2018, а на истото ќе учествуваат околу 4.000 спортисти од 26 земји, кои ќе се натпреваруваат во 33 дисциплини.

Најново во Други спортови