ПРВ БАЛКАНСКИ ШАМПИОНАТ

Македонија со успехот на "ЗА-НЕД-ДО" прва на Балканот

Академијата за боречки вештини "ЗА-НЕД-ДО" од Битола која е официјален претставник при [WFMC] Светскиот совет за боречки спортови и вештини за Република Македонија зеде учество на првиот Балкански шампионат кој се одржа во Брчко.

објавено: 12 март 2018 - 17:56

Академијата за боречки вештини "ЗА-НЕД-ДО" од Битола која е официјален претставник при [WFMC] Светскиот совет за боречки спортови и вештини за Република Македонија  зеде учество на првиот Балкански шампионат кој се одржа во Брчко, Федерација Босна и Херцеговина.
На настанот од големо значење во светот на боречките спортови и вештини Македонија ја претставуваа 23 спортисти кои одбележаа успех со освојување на 34 медали од кои 25 златни, 7 сребрени и 2 бронзени. Доминираа борбите од боречките спортови и вештини особено во Кик Бокс како и демонстациите во самоодбрана.


На настанот учество зедоа над 400 натпреварувачи од сите земји поранешни членки на Федерацијата Југославија како и Република Словачка и Република Унгарија.

Пред почетокот на Балканскиот шампионат од страна на стручниот совет на Светската организација претседателот на истата за Република Македонија, господинот Златко Неделковски беше именуван и за претседател при Светската организација за регионот на Балканот кој брои 12 земји членки.

"Прво нешто што сакам да истакнам е дека ова е собир на стари пријатели и светски професионалци во светот на Кик Боксот и воопшто во боречките спортови и вештини со кои пред 35 години настапувавме под исто знаме а кои денес ни се достојни противници. Ова е збирот на оние мајстори кои ги донесоа боречките спортови и вештини на Балканот. Тоа ми дава за право по подолго време да изразам надеж дека полека но сигурно коцките во спортот полека започнуваат да се враќаат на своите вистински вредности и дека се повеќе ќе се имуни на општествените појави на политиканство, лаги и манипулации.
Второ ми е повеќе обврска и мисија па потоа чест што светскиот совет за боречки спортови и вештини ме именува за регионален претседател за земјите членки од Балканот. И тука работите се враќаат во нормала па се цени она што отсекогаш се ценело во нашиот спорт, искуството, професионализмот, резултатите и титулата која ни стои пред името а која ги содржи сите нив. Таа почит исто така низ годините имаше изместени поими за вреднување.
Она што пак лично ми е мило е што Република Македонија со својот тим, иако мала држава повторно успеа да постигне огромен успех па на крај и да добие посебно признание со кое официјално е прва по успех на Балканскиот шампионат. Како и секогаш така и сега сакам да истакнам дека колку успесите се поголеми толку е поголема одговорноста да ги оправдаме на следните настани од било кој калибар и воедно би сакал да искажам лична благодарност до оние кои прво сакаа а потоа и успеаја да ни помогнат да земеме учество на овој настан. Искрените пријатели денес се реткост" - истакна Grandmaster Златко Неделковски - шеф на Македонската делегација и претседател на светската организација за Балканот.

Македонскиот тим беше на ниво на својата задача и успехот беше неминовен дотолку повеќе кога постојано работите и кога согледувате дека натпреварувачите сакаат достоинствено но пред се професионално да ги бранат боите на својата земја.

“За мене лично беше настан на кој видов како и ние од Балканот знаеме во боречките спортови и вештини да покажеме почит. Да ги надминеме разликите и поделбите и да се фокусираме само кон нашата спортска мисија. Она што како помлада го слушав но не го опојмував дека Македонија и името Златко Неделковски е запишано со големи букви во нашата бранша сега го доживеав лично пред моите очи. Понекогаш во спортот знаат да дуваат чудни ветришта но на крај со себе ќе ја понесат и прашината која ја донеле по што секогаш останува вистината" - вели Дијана Неделковска - главен тренер на македонскиот тим.

Најново во Други спортови