ЈАПОНЦИТЕ МОЖЕ САМО ДА БИДАТ ГОРДИ НА ОВОЈ „ВУНДЕРКИНД“

Не им оди во ракометот, но затоа го имаат најдобриот ски скокач во светот! (ВИДЕО)

Ако вчера загуби на стартот од Светското првенство во ракомет од Македонија (38:29), Јапонија дефинитивно може да биде среќна во еден од најпопуларните зимски спортови на планетата, ски скоковите.

објавено: 12 јануари 2019 - 20:06

Јапонскиот ски скокач Рају Кобајаши со денешниот триумф на скокалницата во италијанскиот Вал ди Фем ја продолжи победничката низа во Светскиот куп започнат во средината на декември во швајцарскиот Енгелберг, а продолжен со максималниот учинок на Новогодишната турнеја „Четири скокалници".

Без сомнение, за 22-годишниот Јапонец во овој момент нема вистински конкурент, а тоа го докажа и денеска со најдолги скокови од 135 и 136 метри, собрани вкупни 315 бодови и на крајот победи пред Полјаците Давид Кубацки и Камил Стох.

Кобајаши на 13. натпреварувања од Светскиот куп собра веќе 1056 бодови, скоро 500 повеќе од „најблискиот" до него Пјотр Жил (556) и Стох (564).

Воедно Јапонецот со саботната победа го израмни рекордот на Светскиот куп по бројот на победи во низа (шест), а истиот учинок претходно го направија уште Австријците Томас Моргенштерн и Грегор Шлиренцауер, и Финците Јане Ахонен и Мати Хаутамаки.

Веќе в недела на истата скокалница, Кобајаши може да остане сам на оваа табела...

Најново во Други спортови