РИО ПРИРЕДИ СПЕКТАКЛ ЗА ИСТОРИЈА

Олимписко збогум за Болт и Фелпс

Рио де Жанеиро беше домаќин на 31. Игри на Летната Олимпијада, први во Јужна Америка, и на нив наместо нови олимписки ѕвезди бевме сведоци на крунисувањето на двајцата најуспешни олимпијци во поновата историја, Мајкл Фелпс и Јусеин Болт

објавено: 31 декември 2016 - 17:00

Пред Олимпијадата постоеја многу сомнежи и критики околу изборот на бразилскиот метрополис за домаќин на големото натпреварување, што поради големите трошоци и политичката нестабилност во земјата, што поради неподготвеноста на Бразилците да се посветат кон толку комплексна организација. Сепак, и покрај сомнежите, организаторите си ја завршија својата работа прикладно и немаше големи пропусти.

Друга тема која се развиваше пред Игрите, секако беше учеството на Русија на големото натпреварување по сериозните обвинувања за државен систематски допинг кои дојдоа од Светската анти-допинг агенција (ВАДА). Барањата за целосно исклучување на Русија од Игрите (за среќа) не се остварија, иако на крајот од вкупно 389 пријавени спортисти од оваа земја само 278 добија дозвола за настап. Меѓу нив не беше целиот атлетски тим, вклучувајќи ја кралицата на скокот со стап, Елена Исинбаева, како и целиот тим во кревање товар. Интернационалниот параолимписки комитет (ИПЦ) подоцна реши да целосно да ја исклучи Русија од Пароалимпијадата.

 

Кога спортот конечно доби примат пред политиката и скандалите, на сцена стапија старите познати олимписки херои- Јусеин Болт и Мајкл Фелпс. Американскиот пливач Фелпс ја комплетираше својата олимписка одисеја како најуспешен индивидуален натпреварувач во историјата, освојувајќи пет златни медали и едно сребро за четврти пат едноподруго да е најуспешниот олимпиец на Игрите.

На крајот, Фелпс, кој ги остави зад себе контроверзите со алкохолот и со коцкањето, освежен по раѓањето на првиот син, Бумер, си замина во историјата со вкупно 28 медали, од кои 23 златни. Тој исто така е рекордер по бројот на индивидуални злата (13), како и индивидуални медали (16). Со неговиот успех се стави во сенка и фантастичниот успех на сонародничката Кејти Ледецки, која си замина од Рио со четири златни медали, едно сребро и два светски рекорди.

 

Кога заврши „испитот“ на Фелпс, започна мисијата на Јусеин Болт да стане, во негови зборови, „легенда“ на спортот. Насмеаниот Јамајчанец го направи токму тоа. Болт на трета Олимпијада во низа ги освои златните медали на 100 метри, 200 метри и 4х100 метри, за да стане најуспешниот атлетичар во историјата и вистинска икона на олимпиското движење. Леснотијата со која го направи тоа само зборува за неговата величина.

Повеќе од 11 илјади спортисти од 205 национални олимписки комитети се појавија во Рио, вклучувајќи ги дебитантите Косово, Јужен Судан, како и тимот составен од бегалци. 

Најново во Други спортови