ПОЧЕТОК НА УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ СПОРТСКИ ИГРИ НА УКИМ

Повеќе од 1200 студенти на „стартот на трката"

Најдобрите, оние кои ќе стигнат како „први низ целта", ќе бидат наградени на патронатот на Универзитетот СВ „Кирил и Методиј" - 24. мај

објавено: 19 март 2018 - 12:30

Во четири екипни и пет индивидуални спортови, од денеска па се до 24. мај, ќе траат натпреварите од универзитетските спортски игри кои ќе ги реализира Универзитетот Свети „Кирил и Методиј" од Скопје, а во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје од Скопје кој е реализатор на планираните активности.

Од нив 57 екипи ќе се натпреваруваат во оние екипни спортови. Во мал фудбал ќе се натпреваруваат 16. екипи, во кошарка (двете конкуренции) исто толку. Во ракометот ќе бидат застапени 14, а во одбојката 11. универзитетски екипи. Сите натпревари во овие спортови ќе бидат реализирани во салата „Македонски херои" во Скопје (во периодот од 16 до 19 часот), со слободен влез за сите вљубеници во спортот.

Организаторите на игрите одлучија студентите да се натпреваруваат и во пет поединечни спортови: стрелање со воздушна пушка, тенис, куглање, пинг-понг и во шах.
Според програмата, односно календарот, понеделник е ден за мал фудбал, вторникот е предвиден за кошарката. Во среда ќе се играат натпреварите во ракомет а во четврток – одбојката.
Петтиот работен ден од недела е предвиден за оние одложени натпревари во екипна конкуренција, додека пак викендите се резервирани за реализација на натпреварите во поединечна конкуренција.
Ќе бидат вклучени повеќе од 1.200 студенти од сите факултети кои се дел од УКИМ, што е една сериозно висока бројка.
Најдобрите од нив пак ќе се појават на свечената церемонија, на 24. мај, на денот на патронатот на Универзитетот Свети „Кирил и Методиј" - Скопје, кога ќе им бидат врачени признанијата и наградите за постигнатите резултати.

 

Најново во Други спортови