Русија го лови последниот жив информатор на ВАДА

Рускиот Сноуден

Педесет и осумгодишниот пребеган поранешен шеф на Руската антидопинг агенција (РУСАДА), Григориј Родченков, деновиве и официјално се најде под обвинение за пречекорување на службените овластувања и му се заканува затворска казна во Русија и до 10 години.

објавено: 19 октомври 2017 - 14:00

Приказна на денот во „Македонски спорт“, пишува: Сашо Кузмановски

Педесет и осумгодишниот пребеган поранешен шеф на Руската антидопинг агенција (РУСАДА), Григориј Родченков, деновиве и официјално се најде под обвинение за пречекорување на службените овластувања и му се заканува затворска казна во Русија и до 10 години. Ова, веројатно, и не е некоја спектакуларна вест ако не ги познавате доволно последните турбулентни месеци (па дури и години) во рускиот спорт. Со месеци, Москва засилено трага по лицето кое се смета за последниот жив информатор на Светската допинг агенција (ВАДА), еден од главните виновници за избувнувањето на мегаскандалот со системски допинг во рускиот спорт и стравотниот земјотрес што го зафати спортот во Русија со суспензиите на врвните спортисти. Од пред извесно време, Родченков се бара и со потерница од Интерпол.

Она што го потресе светот на спортот изминатата година, сѐ уште нема конкретна завршница, откако полека руските спортисти им се враќаат на своите обврски по одлежувањето на суспензиите што ги добија за користење недозволени стимуланси. Руските власти, под закрила на државата, интензивно трагаат по лицето Григориј Родченков, кој, како поранешен шеф на руската антидопинг агенција, излезе дека е главниот информатор на ВАДА за допинг системот во рускиот спорт. Двајцата преостанати информатори, за кои е потврдено дека работеле на одавање документи од РУСАДА, веќе не се меѓу живите.

Вјачеслав Синев и Никита Камаев, за кои исто како и за Родченков се сметаше дека се главни шпиони во рускиот спорт, загинаа под сомнителни околности, пред неколку месеци. За Никита Камаев беа објавени информации дека починал од срцев удар, додека за Вјачеслав Синев до денеска нема детални информации за причините за неговата смрт.

Во страв дека и него го чека слично сценарио, Григориј Родченков ја напуштил Русија и според последните шпекулации, има привремен престој во САД. Пред извесно време, тој се појави во јавноста со колумна во „Њујорк тајмс" во која отворено ги нападна руските власти дека му подготвуваат убиство, кое ќе се обидат да го протуркаат во јавноста како самоубиство. Денес јавноста за Родченков знае само дека во 2016 година ја напуштил државата и станал клучен сведок во скандалозниот случај на системски допинг кај руските спортисти.

„Не е лесно да се каже вистината, особено не од мојата позиција. Мојот пријател и долгогодишен шеф на руската антидопинг агенција, Никита Камаев, беше пронајден мртов. Еден здрав човек во топ-форма одеднаш умре од срцев удар. Тој подготвуваше книга и тие го спречија да ја објави", вели Родченков.

Но кој е вистинскиот грев на Родченков?

Русите го обвинуваат дека е лажго, дека целиот случај за системски допинг во рускиот спорт го измислил со своите соработници, секако за пари и по нарачка на Американците. Такво мислење има и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, кој пред некој ден, по објавата на информацијата дека Русија преку Интерпол ќе го „лови" експретседателот на РУСАДА, за руските медиуми изјави:

„Во оваа фаза, тој им е корисен и ќе биде така сѐ додека им е важен. Потоа ќе го напуштат како и секој измамник".

Во Русија, за Родченков се зборува како за татко на допинг-скандалот. Отворено се зборува дека тој е креаторот на фамозните лекови кои им се нуделе на руските спортисти во минатото, а за кои подоцна излезе дека се дел од некаков „државен допинг". Претседателот на боречката федерација на Русија, Михаил Мамиашвили, сведочи дека борачот Хасан Бароев кој остана без бронзениот медал освоен на ЛОИ во 2008 година, добил лек кој бил создаден лично од поранешниот шеф на антидопинг лабораторијата во Москва.

„Со мои уши слушнав дека лекот е негова креација. Јас не знам кој лаже, но тој (Родченков) е поврзан со овој случај и треба да се бориме до крај".

Родченков е на црната листа на Русија и јасно е дека нема да се врати дома наскоро. Прашање е само дали допинг-скандалот е негова креација или системска креација на руските власти? Додека едните го претставуваат како системски државен допинг, другите во него гледаат нарачан случај против Русија и руските спортисти. И натаму се провлекува отвореното прашање за тоа дали ексшефот на РУСАДА е навистина рускиот Сноуден како што го претставија од ВАДА или играч во нечија „војна" против рускиот спорт.

Најново во Други спортови