СИ ЗАМИНУВА БРИТАНСКАТА ВЕЛОСИПЕДСКА ИКОНА

Сер Бредли Вигинс во пензија

Првиот британски шампион на Тур де Франс и легенда на велодром-велосипедизмот, Сер Бредли Вигинс замина во пензија на 36 години

објавено: 28 декември 2016 - 16:19

Вигинс, кој е петкратен олимписки шампион и победник на Тур де Франс во 2012 година ги искористи соништата од детството со тоа што направи кариера во велосипедизмот.

„Се сретнав со моите идоли и возев покрај најдобрите 20 години. 2016 година е крај на едно поглавје, сега одиме напред и нагоре. Децата од Килбурн обично не освојуваат олимписки злата или Тур де Франс. Сега и тоа се случи“, изјави Вигинс.

Вигинс е најуспешниот британски олимпиец со 5 златни медали, а освои и осум светски титули на велодром и на уличните шампионати. Во Сиднеј во 2000 тој го освои првиот олимписки медал - бронза, додека во Атина четири години подоцна освои три олимписки медали, како прв Британец по 1964 година.

Потоа следуваше неговиот трансфер на уличните трки, и во 2012 година успева во најтешкиот предизвик - победува на Тур де Франс како прв Британец. Истата година освојува злато во уличната трка на хронометар на домашната Олимпијада во Лондон.

Во 2013 година тој стана витез на Британската Империја за неговиот успех, додека во 2014 година повторно станува светски шампион во трките на хронометар. Минатата година тој постави светски рекорд на еден час во велодром со 54.526 километри.

Оваа година не беше најдобра за него, откако прво руската хакерска група „Фенси беар“ објавија документи од Светската анти-допинг агенција (ВАДА) во која се гледа дека добил три инјекции на силниот стероид триамцинолон пред големите трки - Тур де Франс во 2011 и 2012 и Џиро Д’Италија во 2013 со оправдување во неговата астма. Иако со ова не се прекршени допинг-правилата, се фрли сомнеж на успесите на големите трки.

Најново во Други спортови