АМЕРИКАНКАТА Е НЕЗАПИРЛИВА

Шифрин со втора велеслаломска победа во два дена

Микаела Шифрин стигна до втора велеслаломска победа во два дена, откако во австрискиот Земеринг ја освои својата 25. победа во кариерата

објавено: 28 декември 2016 - 15:04

Во тешки услови при силен снег, Американката го зголеми своето тесно водство за да ја победи Французинката Теса Ворлеј за 0.15 секунди, додека Германката Викторија Ребензбург беше трета со само 0.18 секунди послабо време. Шифрин и Ворлеј завршија 1-2 и на велеслаломската трка во вторникот на истата патека.

Со победата Шифрин го зголеми водството во генерален пласман на 115 поени пред актуелната шампионка од СК, Швајцарката Лара Гут, која беше шеста во средата.

Тридневниот предновогодишен скијачки распоред во Австрија завршува со слалом под рефлектори во четврток. Шифрин има победа на сите слаломски трки во кои учествувала од февруари 2015.

Машкиот спуст во италијанскиот ски-центар Санта Катерина беше откажан поради силниот ветер. Таму на програмата има уште една трка во алпска комбинација во четврток.

ВЕЛЕСЛАЛОМ (Ж) - ЗЕМЕРИНГ (АВТ)

1.Микаела Шифрин (САД) 2:09.40

2.Теса Ворлеј (Фра) +0.15

3.Викторија Ребензбург (Гер) +0.18

4.Рагнхилд Мовинкел (Нор) +0.23

5.Штефани Брунер (Авт) +0.38

Најново во Други спортови