Рускиот град кандидат за домаќин на ЗОИ 2026

Сочи може повторно да биде домаќин на ЗОИ?

објавено: 26 септември 2018 - 21:30

Рускиот град Сочи во многу краток период може повторно да биде домаќин на Зимските олимописки игри. Како што објавија од руската боб федерација, тие веќе добиле понуда од Турција и градот Ерзурум да ги преземат настаните во боб и санкање, доколку Турците ја добијат организацијата на ЗОИ 2026 година.

Претходно градоначалникот на турскиот град Ерзурум, Сејфетин Азизоглу, истакна дека ако Турција ја добие организацијата на ЗОИ, тогаш може да ја подели со градот Сочи.

„Ние сме целосно позади оваа организација. Но, ова прашање е повеќе политичко, отколку спортско", истакнаа од руската федерација.

Според Русите, од аспект на логистиката овој проект е сосема реален. Спортистите можат од Олимпиското село во Ерзурум до Сочи да стигнат за помалку од 3 часа.

„Се уште немало ваков преседан во органиацијата, но ако сакаме добра организација на настанот, ние сме отворени за соработка", потенцираат од Рускиот олимписки комитет.

Одлуката за домаќин на Зимските олимписки игри во 2026 година ќе биде донесена следната година. Кандидати за организација се турскиот град Ерзурум, Стокхолм (Шведска), Калгари (Канада), како и во Милано, Торино и Кортина Д'Ампецо (сите од Италија).

 

Најново во Други спортови