НА СПЕЦИЈАЛНАТА ОЛИМПИЈАДА ВО АВСТРИЈА

Сребрен медал за Бојан Трајковски

Македонскиот скијач Бојан Трајковски освои сребрен медал на Зимските олимпски игри на Специјална олимпијада во Австрија во дисциплината супервелеслалом за почетници.

објавено: 20 март 2017 - 11:34

На трката во Шладминг, Трајковски го освои второто место со време од 00:31,56, зад победникот Хаел Хардинес од Аргентина (00:31,41).

Трајковски, кој е придружуван од тренерот Јован Јовановски, е единствен македонски претставник во Австрија и ќе настапи и на трката во велеслалом.
На Зимската специјална олимпијада во Австрија учествуваат 2.700 спортисти и 1.100 тренери од 107 нации, а се поддржани од 3.000 волонтери. Ова се најмасовните зимски олимписки игри во историјата на Специјална олимпијада.
Натпреварите се одвиваат во три скијачки центри: Грац, Шладминг и Рамзау ам Дахштајн, а спортистите се натпреваруваат во девет дисциплини: уметничко лизгање, брзо лизгање, хокеј во сала, флорбол, одење по снег, алпско скијање, скијачко трчање, сноубординг и стикшутинг.

Најново во Други спортови