НА ВТОРАТА „СТАНИЦА“ ОД НОВОГОДИШНАТА ТУРНЕЈА

Танде со победата во Гармиш, ќе биде драматично во финишот на „4 Скокалници“

Норвежанецот Даниел Андре Танде триумфираше во Гармиш-Партенкирхен, додека Камил Штох и Штефан Крафт го направија екстремно интересно натпреварувањето за победа во генерален пласман на новогодишната турнеја „4 Скокалници" со пласман на подиумот

објавено: 1 јануари 2017 - 16:24
Танде имаше скокови од 138 и 142 метри во Гармиш, каде што снег имаше доволно само за на скокалницата, за да собере 289.2 поени и за 3.2 поени да го победи двократниот олимписки шампион, Полјакот Камил Штох, кој имаше скокови од 135.5 и 143 метри. Победникот на првата скокалница во Оберстдорф, Австриецот Штефан Крафт го комплетираше подиумот со 282.4 поени со скокови од 137 и 140 метри.
 
Нов лидер во новогодишната турнеја е Штох со минимални 0.8 поени предност пред Крафт, доволно за австриските фанови да бидат подготвени за славје во Инсбрук и Бишофсхофен, на 4, односно 6 јануари.
За 22-годишниот Танде, кој лани беше седми во генерален пласман, ова е само втора победа од Светскиот куп во кариерата, по таа во германскиот Клигентал во ноември 2015 година.

Словенечките фаворити повторно немаа свој ден. Лидерот во генерален пласман и победник на четири натпреварувања оваа зима, Домен Превц заврши на петтото место со скокови од 136 и 139 метри, додека неговиот брат, актуелниот шампион на новогодишната турнеја, но и Светскиот куп, Петер Превц стигна само до 11. место со скокови од 130.5 и 133.5 метри.
 
ХС142 - ГАРМИШ-ПАРТЕНКИРХЕН (ГЕР) 
1.Даниел Андре Танде (Нор) 289.2 (138.0+142.0)
2.Камил Штох (Пол) 286.0 (135.5+143.0)
3.Штефан Крафт (Авт) 282.4 (137.0+140.0)
4.Маркус Ајзенбихлер (Гер) 278.9 (136.5+139.5)
5.Домен Превц (Сло) 278.5 (136.0+139.0)
 

Најново во Други спортови