Ретроспектива на 2016 година

Томи и Лина го „испраа“ олимпискиот срам

Во годината која што мина во знакот на Олимписките игри, најдобрите македонски спортисти воопшто не ни беа дел од нив. Успесите на тенисерката Лина Ѓорческа и Томи Стефановски практично ја „извадија" 2016, по дебаклот кој што ни се случи во Рио

објавено: 30 декември 2016 - 15:14

Пишува
Перица Гиевски

Како што одминуваат годините, сè поретки се успесите на македонските спортисти, на големите меѓународни натпреварува. Освојувањето на медали од Олимпијадите, Светските и Европските првенства можат да се избројат на прсти, а како што тргнало, за некое време, ќе биде потребно само една рака за да се набројат успесите. Во последните часови од 2016 година, редно е да се напише и една ретроспектива на случувањата, односно активностите кои што се случуваа во истата.

А ги имаше во изобилие. Секако дека главниот фокус беше насочен кон Рио де Жанеиро, односно 31. модерни Олимписки игри. „Црвено-жолтата" делегација, која што броеше шест членови, а беше во состав: Анастасија Богдановски (пливање), Марко Блажевски (пливање), Нина Балабан (стрелаштво), Катерина Николоска (џудо), Ристе Пандев (атлетика) и Дрита Исљами (атлетика). Нивните настапи најчесто завршуваа во (пред)квалификациите, податок кој што јасно покажува дека нешто не „штима" последниве години во поединечните спортови, односно федерациите кои што ги предводат.

Редно е и да се каже дека ниту еден од шесторката во Рио не настапи со обезбедена „А" олимписка норма. Најблиску до такво нешто беше Богдановски, која што, впрочем имаше и најдобар настап. Нашата пливачка на 200 метри слободно исплива време од 2:00.52 минути, што воедно е и нов рекорд. На крајот Ана заврши на 33. место од вкупно 44 натпреварувачки.

БОРЕЊЕТО Е ВО „АУТ"
Ако може да се каже за некој спорт дека потполно го изгуби компасот, тоа дефинитивно е борењето. Спортот кој во минатото ни носеше златни медали од Олимпијадите, сега пред уништување. Колку и можеби ова да звучи нереално, настаните во изминативе 12 месеци тоа го потврдија. Најпрвин заминувањето од претседателската функција на Ванчо Чифлиганец како да даваше знаци дека најлошото тек доаѓа. Токму тоа и се случи. На првиот ден од ноемвери дојде меѓународна суспензија од Обединетото светско борење.

Долгот на ФБСМ кон светската федерација изнесува повеќе од 20 илјади франци. Ваквиот развој на настаните значеше и приопуштање на голем број меѓународни натпреварувања. Вклучувајќи ги и квалификациите за Светските, односно Европските првенства. Доколу не биде брзо решен проблемот, тогаш под знак праѓшање е и Олимпијадата во Токио.

ИЏЕ НЕ НАПРАВИ ГОРДИ ВО ИМОЛА

Игор Стефановски - Иџе со својата победа на легендарната патека „Енцо и Дино Ферари“ во Имола, исто така на свој начин ја одбележа 2016. „Летечкиот“ Македонец дебитираше во ЕТЦЦ шампионатот, по две успешни сезони на првенството на ридски патеки.

Иџе блесна на првата од двете трки во домот на Ферари а потоа и гордо го крена македонското знаме, што секако претставува момент за историја.

„ГРЕНД СЛЕМ" ЛИНА
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, во секоја наредна година го подобрува својот пласман на ВТА листата. Како потврда на добрите игри дојде и настапот во квалификациите на последниот гренд слем во годината, УС Опен. Иако Лина таму немаше среќа, бидејќи веднаш беше елиминирана, сепак, искуството во Њујорк ќе и биде од голема помош во наредните месеци.

Тоа го велам бидејќи веќе во јануари, Ѓорческа ќе се појави во квалификациите на Австралијан Опен. Потврдување на претставите од 2016, за нејзе со сигурност ќе донесат и настап во главниот дел.

ЛЕГЕНДАРНО ПЛИВАЊЕ НА СТЕФАНОВСКИ
Една од големите позитивности за оваа година е Томи Стефановски. Искусниот маратонски пливач, направи сензација и ја освои титулта во „Гран при" шампионатот. Но, можеби таа и нема толкаво значење, ако предвид се земе победата на Охридскиот маратон.

Толку посакувана и тоа во последниот свој настап. Сништата конечно се остварија, крајната цел беше достигната и Томи се вивна меѓу македонските легенди.
Неколку месеци подоцна, Стефановски беше примен и во куќата на славните на ФИНА. Македонската пливачка легенда, стана светска величина. Секоја чест шампионе!

КАРАТЕ И КИК БОКС – СТАНДАРДНО ДОБРИ
Сакале или нејќеле, каратето прераснува во спорт број еден во Македонија. Особено ваква констатација може да се даде откако Интернационалниот Олимписки Комитет го призна овој спорт во програмата за Токио 2020 година.

На ЕП во Монпеље, Франција, Емил Павлов се закити со бронзениот медал. Нашиот најдобар каратист, по златото во Тампере од пред две години сега дојде до третото место на пиједесталот.

Кикбоксерите, пак, беа активни на континенталниот шампионат во Лутраки, Грција. И покрај сите неправди од страна на организаторот, „црвено-жолтите" се вратија со четири одликувања. Две од нив се сребрени (Милан Кубин и Марија Божиновска), додека Димитар Ѓорѓиев и Ненад Манојловски, стигнаа само до бронзите. Велам само бидејќи Ѓорѓиев и Манојловски со сигурност можам да кажам дека се едни од најдобрите во Европа. Но, веќе добро познатата практика од нашиот јужен сосед ги спречи да ги искажат своите „златни" квалитети.

Ако се направи генерален пресек на сите настани за оваа година, тогаш преовладува црното. Тоа е пред сè „благодарение" на Олимпијадата и случувањата во борењето. Во наредната 2017 година се надеваме на поголем број на радосни моменти.

Најново во Други спортови