ЏИРО Д’ИТАЛИЈА 2018 - ВТОРА ЕТАПА

Триумф на Вивијани, Денис во „розово“

Италијанецот Елија Вивијани триумфираше на втората етапа од Џиро д'Италија која се возеше од Хаифа до Тел Авив, Израел. Роан Денис го презеде водството во генералниот пласман

објавено: 5 мај 2018 - 19:01

Вивијани стана 28 возач на Квик-Степ кој успеал да победи на етапа на една од трите најголеми велосипедски трки во сезоната. А вкупно за Вивијани ова е втора етапна победа во кариерата на една голема трка. Претходно во 2015 освои етапа на Џирото во дресот на Тим Скај.

Денеска, Вивијани успеа во финишот на трката од последното место на водечкиот пелотон да стигне до првото и да победи (време 3 часа, 51 минута и 20 секунди). Зад него заврши сонародникот Јакуб Марешко. Трет беше Ирецот Сем Бенет со исто време како и победникот. Во топ пет се уште двајца Италијанци Николо Бонифацио и Саша Модоло.

А австралискиот велосипедист Роан Денис ја презеде розовата маичка. Велосипедистот на БМЦ рејсинг заврши на 38 место но освои доволно бодови за во генералниот пласман.
Крис Фрум заврши на 31 позиција, а Том Димулан заврши на 19 место на денешната етапа.

Да потсетиме, вчера на првата етапа индивидуален хронометар победи Том Димулан. Утре на програмата е последната етапа во Израел од Бершеба до Еилат во должина од 229 километри. Во понеделник караванот се сели во Италија и во вторник почнува првата италијанска етапа од Катанија до Калтаџиоре.

Најново во Други спортови