АМЕРИКАНКАТА НЕ СЕ ПРЕДАВА ЛЕСНО

Вон најави кам-бек во јануари

Линдзи Вон се надева на кам-бек на скијањето во јануари откако ја скрши десната рака на 10 ноември при пад на тренинзи, во „најболната повреда" во долгата кариера на Американката

објавено: 27 ноември 2016 - 22:00

Во интервју за „НБЦ спортс“, Вон изјави дека лекарите и дале конзервативна проценка од 10 до 12 недели за кам-бек, меѓутоа по доброто залечување овој месец, прогнозата се смени на осум недели.

„Обично залечувам многу бргу, но никогаш не се знае. Се надевам дека ќе бидам способна за враќање во јануари. Падот беше навистина брутален. Почувствува како коските се удираат. Кога лежев на снегот бев навистина разочарана. Зошто само мене ова ми се случува? Треба да бидам повнимателна“, вели Вон, која во кариерата има серија повреди, но обично на колената.

Американката, сепак, ја влечат на снегот две големи цели. Прво, да се сруши вечниот рекорд од 86 победи на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк, за што и се потребни 10 победи, додека следната сезона таа со победа би била најстарата скијачка со победа на Олимпијада, Светско првенство или трка од Светскиот куп по Австријката Елизабет Гергл, која победи на 33 години.

„Рекордот на Стенмарк навистина ме крева од кревет секој ден. Рекордот на Гергл пак, нема да го достигнам само ако навистина не можам да скијам повеќе. Тука е и Олимпијадата во 2018 година“, изјави Вон, која наполни 32 години во октомври.

Најново во Други спортови