ЛУКСЕМБУРЖАНЕЦОТ ГО ОСВОИ ТРОФЕЈОТ ВО ДЕН БОШ

Битката на ветераните за Жил Милер

Четвртиот носител, Жил Милер ја освои својата втора АТП-титула во кариерата на Рикох опен во Ден Бош, победувајќи го третиот носител Иво Карловиќ во борба на тенисери со силен сервис со 7:6(5)/7:6(4)

објавено: 18 јуни 2017 - 17:30

Мечот меѓу 38-годишниот Карловиќ и 34-годишниот Милер беше „најстарото“ АТП-финале од Хонг Конг во 1976 година, кога 42-годишниот Кен Розвел го победи 30-годишниот Илие Настасе.

Милер исто така стана само вториот тенисер кој играше финалиња на сите три подлоги оваа година (хардкорт, земја и трева), заедно со победникот од Штутгарт, Лукас Пуј.

Откако загуби во првите шест финалиња во кариерата, Милер ја освои првата титула во Сиднеј во јануари победувајќи го Ден Еванс, а минатиот месец загуби во финалето во Есторил од Пабло Карењо Буста. Фантастичната сезона значи дека ветеранот ќе скокне на 26. место на АТП-листата, негов најголем рејтинг во кариерата.

Најново во Други спортови