ХРВАТОТ УШТЕ „ВЛЕЧЕ“ ПОВРЕДА

Чилиќ и Азаренка се повлекоа од Синсинати

Актуелниот шампион Марин Чилиќ и се приклучи на поранешната шампионка Викторија Азаренка при повлекувањето од Мастерсот во Синсинати следната недела

објавено: 11 август 2017 - 21:40

Чилиќ, кој нема играно од поразот од Роџер Федерер во финалето на Вимблдон, има проблеми со повредата на стомачните мускули, додека Азаренка, која се породи минатиот декември и се врати на ВТА-турнејата во текот на летото се повлече поради приватни причини.

Шпекулациите велат дека 28-годишната Азаренка ја очекува судски случај со таткото на нејзиниот син Лео, и затоа нема да игра до крајот на летото.

„Разочарана сум што морам да се повлечам поради семејни работи. Се надевам дека ќе се вратам следната година“, изјави Азаренка.

Чилиќ, кој лани го победи Енди Мареј за титулата, се приклучува на низата повредени тенисери како Мареј (повреда на колкот), Новак Ѓоковиќ (лакт) и Стен Вавринка (колено) на последната подготовка пред УС опен на 28 август.

„Едвај чекав да играм во Синсинати, каде што лани ја освоив првата Мастерс 1000 титула во еден од најдобрите турнири во животот. Не сум 100 отсто подготвен за акција“, вели Чилиќ.

Најново во Други спортови