„РЕПРИЗА“ ЗА ШВАЈЦАРЕЦОТ НА УС ОПЕН

Делпо го исфрли Федерер, следен е Надал

Хуан Мартин дел Потро, поддржуван од аргентинскиот „контингент" бучни фанови, го исфрли Роџер Федерер од четврт-финалето УС опен за да обезбеди пресметка во полуфиналето со светскиот број 1, Рафаел Надал

објавено: 7 септември 2017 - 08:22

28. носител Дел Потро го победи 19-кратниот гренд слем шампион со 7:5/3:6/7:6(8)/6:4 во ноќната сесија на стадионот „Артур Еш“, каде што Федерер доминираше повеќе од деценија во „реприза“ на славното финале во 2009, кога Дел Потро преку Федерер стигна до единствениот гренд слем трофеј.

„Мислам дека ова е и мој домашен терен. Секогаш сум среќен кога играм тука и ја обожувам поддршката“, вели Дел Потро.

Тој вели дека се надева дека ќе ја повтори и победата над Надал од 2009.

„Се надевам дека и против Рафа ќе го повторам резултатот. Публиката нема да ми биде настроена, тој е светски број 1, но одам понатаму“, вели Дел Потро.

Со оваа победа се оневозможи фановите во Њујорк првпат да видат пресметка меѓу Федерер и Надал на УС опен, но Швајцарецот вели дека воопшто не помислил на тоа.

„Хуан Мартин се бореше како лав! Мислам дека не играм доволно добро за титулата, така што е подобро некој друг да добие шанса да ја освои. Не помислив на Рафа, но бидејќи загубив тоа нема да се случи“, вели Федерер.

Кај дамите пак, се комплетираше неверојатното американско полуфинале, откако Медисон Киз со 6:3/6:3 ја победи Естонката Каја Канепи. Следна за Киз е сонародничката Коко Вандевеге, а во второто полуфинале играат Венус Вилијамс и Слоун Стивенс.

Најново во Други спортови