ДЕНЕСКА СТАРТУВА 137. ИЗДАНИЕ НА АМЕРИКАНСКИОТ СЛЕМ

Федерер го почнува „ловот“ на 20-ти слем, Шарапова и Халеп пред судир

Роџер Федерер го стартува УС опен со оптимизам дека може да ги надмине проблемите со повредите за да стигне до неверојатна 20. гренд слем титула

објавено: 28 август 2017 - 15:30

Поради повреда на колкот, Енди Мареј им се приклучи на Новак Ѓоковиќ, Стен Вавринка, Милош Раонич и Кеи Нишикори на листата отсутни на последнот гренд слем турнир, така што најголем ривал на Швајцарецот повторно би требало да биде „вечниот“ Рафа Надал, а фаворит од сенка би можел да се смета одличниот млад Германец, Алекс Зверев.

36-годишниот Швајцарец би се „судрил“ со Надал во полуфиналето, што би бил нивни прв дуел на американскиот гренд слем во двете богати кариери. Федерер има 35-3 скор оваа година, освојувајќи две гренд слем титули - Австралискиот опен и Вимблдон, но надежите за шеста титула од УС опен, и прва од 2008 година, се во сенка на малата повреда на грбот. Роџер стартува во вторник против американскиот тинејџер, Френсис Тиафоу.

„Две недели по финалето во Монтреал се доволно време бидејќи во првата недела се обидував да се опоравам, а потоа во втората се вратив на тренинзи. Играв доста овие денови и задоволен сум од чувството кое го имам. Би бил среќен да играм со Рафа тука. Никогаш не сме играле на големиот стадион во Њујорк и тоа би било забавно за сите. Не сме во многу различна форма“, вели Федерер.

Надал, кој ќе игра со Србинот Душан Лајовиќ во првото коло не сака да размислува на можната пресметка со вечниот ривал.

„Има многу поени и гемови за играње, така што сега не е вистинско време за размислување за тоа. Во умот ми е само Лајовиќ. Тој е целта“, вели Надал.

 Најинтересниот дуел во првото коло ќе биде меѓу романската светска тенисерак број 2, Симона Халеп, која ќе се судри со шампионката Марија Шарапова во понеделничката ноќна програма. 30-годишната Русинка се враќа на гренд слем турнирите првпат по 15-месечната суспензија за позитивниот тест на мелдониум, а Халеп е една од осумте тенисерки со шанси да го заврши турнирот како светска тенисерка број 1.

Единствен проблем е што има 0-6 скор против Шарапова.

„Реагирав нормално кога ја слушнав ждрепката, бидејќи немав многу лесни ждрепки оваа година. Да, си помислив како е ова можно во прво коло на гренд слем, но на крајот е ОК“, вели Халеп.

Шарапова е 147. на ВТА-листата и мораше да добие вајлд-карта за настап на турнирот, нешто што не и дозволија на Ролан Гарос во мај.

„За вајлд-картите одлучуваат турнирите, така што можат да прават што сакаат. Не сум во позиција да зборувам за тоа. Марија се враќа, и доволно е силна за големите турнири. Има многу искуства и многу титули зад себе“, вели Халеп.

 

Најново во Други спортови