ГОРАН ИВАНИШЕВИЌ Е СЕКОГАШ ПОСЕБЕН, ПА И СЕГА:

„Гази" го Федерер кога е на подот

Брутален совет има легендата на хрватскиот тенис за својот сонародник во пресрет на финалето на Вимблдон.

објавено: 15 јули 2017 - 11:30

Горан Иванишевиќ отсекогаш бил човек кој нема „влакна на јазикот", и секогаш, ама баш секогаш, без оглед на околностите, го кажува тоа што го мисли.
А откако неговиот сонародник, Хрватот Марин Чилиќ се пласираше во финалето на Вимблдон, каде го чека Роџер Федерер, Иванишевиќ се реши да му подели неколку совети, и ги објасни доста „пластично".
Легендарниот хрватски тенисер се потсети на ланската пресметка на Чилиќ со Федерер, во четвртфиналето на Виблдон, кога неговиот сонародник водеше со 2-0 во сетови, имаше и меч-топка, но Швајцарецот направи пресврт и стигна до триумф со кој отиде во полуфиналето.

„Поуката од тој меч е дека кога Федерер е долу, на подот, мораш добро да го нагазиш, удираш и дополнително да го повредиш. Тој е како некој јунак од филмовите. Мораш да го убиеш, и тогаш кога, сеедно, ќе стане мораш повторно да го убиеш, и така едно 77 пати за време на мечот"- советува првиот хрватски освојувач на еден Грен слем турнир, во својата најава за медиумите во Англија.

Финалната пресметка во машки сингл на Вимблдон се игра во недела.
Досега Чилиќ и Федерер играле седум пати. А Хрватот има само една победа над неверојатниот „Федекс", кој го игра своето 11 финале во Лондон. И тоа пред три години во полуфиналето на УС Опен.

Најново во Други спортови