РОМАНКАТА ГО ЗЕМА ПЕХАРОТ НА РОЛАН ГАРОС

Го оствари сонот: Халеп до првиот Гренд слем трофеј

Романката и светска тенисерка број 1, конечно, ја освои првата Гренд слем титула во кариерата. Во финалето на Ролан Гарос триумфираше со пресврт над Слоан Стивенс

објавено: 9 јуни 2018 - 17:34

Најдобрата тенисерка во светот ја освои првата Гренд слем титула во кариерата откако во финалето предмалку ја победи Американката Слоан Сивенс по пресврт со 2-1 во сетови. Романката успеа да триумфира во 125. минутна борба со 3:6/6:4/6:1 во сетови.

По првиот и почетокот на вториот сет не делуваше дека Халеп по само една година откако беше поразена во Париз ќе дојде до трофејот на овој турнир. Стивенс покажа ментална цврстина и смиреност, Халеп не беше доволно агресивна и лесно го загуби првиот сет.

Халеп тргна слични и во вториот сет, губеше со 0:2, а потоа одеднаш доби сила и го фати ритамот. Романката нанижа четири гемови (два брејка), ги сврте работите на теренот во своја корист и како што одминуваше времето беше посигурна па така дојде до израмнување.

Во одлучувачкиот сет на теренот играше само една тенисерка. Како што заврши во вториот така продолжи и во третиот. Халеп со фуриозна игра освои пет гемови по ред, по што направи високо водство и мечот пополека го приведе до крај.

Халеп, конечно, по три неуспешни финалиња на Гренд слем турнирите успеа да триумфира. Да потсетиме финале на Ролан Гарос играше минатата година и во 2014, а на почетокот на 2018 го загуби финалето на Австралија опен. Ете сега среќата ја послужи и го освои трофејот.

 

Најново во Други спортови