ТЕНИСОТ ВО 2016 ДОНЕСЕ СМЕНА НА ЛИДЕРСКИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ЕЛИТАТ

Годината на Шкотланѓанецот

Во 2016 година, Новак Ѓоковиќ конечно стигна до комплетирање на гренд слем колекцијата, со првиот трофеј од Ролан Гарос. Меѓутоа, годината апсолутно му припаѓаше на неговиот најголем ривал, Шкотланѓанецот Енди Мареј

објавено: 30 декември 2016 - 16:36

Мареј, конечно, го надмина успехот на својот пријател од детството Ѓоковиќ и во 2016 година направи речиси се - доби ќеркичка, стигна до својот втор трофеј на Вимблдон, ја одбрани олимписката титула, за на крајот да стигне до првото место на АТП-листата со фуриозен финиш на сезоната во кој беше подобар од Ѓоковиќ и на АТП-финалето.

Шкотланѓанецот претходно изјавуваше дека не се смета дел од големата четворка (Мареј, Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Роџер Федерер), меѓутоа сега апсолутно го запечати своето име во историјата.

Од другата страна, токму кога изгледаше дека Ѓоковиќ е во својот зенит и дека никој не може да го совлада, дојде до „распад“ на неговата игра. Шпекулациите околу неговиот приватен живот и наводните несогласувања со сопругата Јелена не беа потврдени од него, но сепак, Србинот призна дека загубил мотивација по освојувањето на трофејот од Ролан Гарос. По ова следуваше и разделбата со тренерот Борис Бекер, така што сега треба да се види дали Новак е добар при враќањето на врвот исто толку колку што беше успешен додека беше на врвот.

 

На другата страна на спектарот беше двете „ранети“ ѕвезди на светскиот тенис - Роџер Федерер и Рафаел Надал. Имињата кои едно време ја имаа целосната доминација на гренд слем турнирите, конечно ги стигнаа годините и повредите.

Федерер првпат во кариерата реши да направи подолга пауза, не играјќи по Вимблдон, во обид да се опорави од повредите на коленото и грбот. Швајцарскиот Маестро ветува дека нема да се предаде предвреме и најавува борба за титулата. Слично лоша сезона имаше и Надал, со повреда на зглобот на раката во моментот кога изгледаше дека се враќа во форма - на неговиот омилен Ролан Гарос.

 

Надвор од големата четворка, фантастична сезона имаше Хуан Мартин дел Потро. Аргентинскиот поранешен гренд слем шампион имаше пауза од речиси две години поради повреда на зглобот на раката, но неговото враќање беше фантастично. Тој успеа да го елиминира Новак Ѓоковиќ и Рафа Надал од Олимпијадата во Рио, пред во драматично финале да загуби од Мареј. Најдоброто го остави за крајот на годината - освојувањето на првата аргентинска Дејвис куп титула и тоа со драматична победа во Загреб.

 

Кај дамите, Серена Вилијамс стигна до својот 22. гренд слем трофеј, израмнувајќи се со легендарната Германка, Штефи Граф, но во текот на годината го загуби првото место на ВТА-листата од една друга Германка, Анџелике Кербер, која со две гренд слем титули беше тенисерка на сезоната.

Женскиот тенис беше и во состојба на шок по суспендирањето на Марија Шарапова за позитивен тест на мелдониум на Австралискиот опен. Шарапова, која тврдеше дека го користи средството за срцеви болести повеќе години без рецепт, прво доби казна од две години, која подоцна беше намалена на 18 месеци и таа се враќа на тенисот во април.

Најново во Други спортови