БЕЛГИЕЦОТ ЈА ДОЧЕКА СВОЈАТА ГОЛЕМА ШАНСА

Гофан го „собори“ Ѓоковиќ во Монте Карло

Белгиецот Давид Гофан ги продолжи изненадувањата на Мастерсот во Монте Карло, откако ги искористи своите шанси и со 6:2/3:6/7:5 го победи вториот носител, Новак Ѓоковиќ во четврт-финалето

објавено: 21 април 2017 - 19:18

Гофан остана концентриран во финишот на мечот и на својот петти меч-поен го победи Ѓоковиќ, за прва победа во кариерата над топ 3 тенисер. Гофан, пред овој меч имаше 0-5 скор против Србинот, и идентичен скор против Енди Мареј и Роџер Федерер, додека нема играно против Надал, неговиот потенцијален противник во полуфиналето.

За Ѓоковиќ со ова продолжува лошата низа на резултати во 2017 година, и ги нарушува неговите подготовки за Францускиот опен, каде што во мај ќе ја брани титулата.

Алберт Рамос-Вињолас пак, втор ден по ред направи изненадување во Монте Карло, елиминирајќи го петтиот носител, Марин Чилиќ со 6:2/6:7(5)/6:2, откако во четвртокот го победи светскиот број 1, Енди Мареј.

За Шпанецот ова е прво Мастерс 1000 полуфинале во кариерата и во него ќе се сретне со Французинот Лукас Пуј, кој се врати во последниот сет за 6:0/3:6/7:5 победа над Уругваецот Пабло Куевас.

Најново во Други спортови