Нашата тенисерка беше поразена во третото коло

Гренд слем премиерата ќе почека, Лина „стопирана“ од Швајцарката Фегеле

Македонската тенисерка не успеа да се квалификува на главниот дел од Австралискиот Опен откако во третото квалификациско коло загуби од Швајцарката Штефани Фeгеле со 6:4, 3:6, 2:6

објавено: 14 јануари 2017 - 07:06

Лина Ѓорческа не успеа да се квалификува на главниот дел од Австралискиот Опен. Нашата најдобра тенисерка беше поразена во третото квалификациско коло од првата носителка, Швајцарката Штефани Фeгеле со 6:4, 3:6, 2:6.

Во еден израмнет и неизвесен дуел пресудни беа поголемиот број на грешки од страна на нашата тенисерка. А се започна одлично.

Лина го доби првиот сет откако веќе во вториот одигран гејм успеа да го „украде“ сервисот на противничката. До крајот на овој сет, Ѓорческа успешно сервираше и го доби со 6:4.

Сепак, Фегеле во продолжението малку ја подобри играта. Веќе на самиот почеток на вториот сет направи „брејк“. Но, нашата претставничка веднаш потоа успеа да ги врати работите на егал и да израмни на 2:2 во гејмови. Пресуден беше осмиот гејм, каде што сервисот на Лина потфрли, а тоа значеше и 5:3 за Швајцарката, односно успешн сервис гејм за 6:3 и израмнување од 1:1 во сетови.

Завршницата започна фантастично за Македонката. Успешно беше одбранет својот сервис, а потоа веднаш и водство од 2:0 откако со 40:30 го освои сервисот на Швајцарката.

Но, потоа следеше тотален распад во играта кај Ѓорческа. Му дозволи на противникот да освои шест едноподруго гејмови и да победи со 6:2, со тоа да се радува на пласман на главниот дел од турнирот.

Сепак ова е нова голема лекција за Лина во кариерата за која се надеваме дека веќе на Ролан Гарос ќе успее да се пласира во главниот дел на вториот гренд слем во годината. До тогаш ја очекуваме и на некој од најквалитетните ВТА турнири бидејќи заслужува да биде дел од нив.

 

Најново во Други спортови