МАКЕДОНСКИТЕ ТЕНИСЕРИ СО РАЗЛИЧЕН СТАРТ ВО ДОБОЈ

Јотовски сигурен, Мицов и Србљак со различна среќа

Најдобриот македонски тенисер ја оправда фаворитската улога во првото коло и загуби само три гејма, Србљак со пресрврт до победа, Мицов водеше па загуби

објавено: 16 мај 2018 - 15:38

Томислав Јотовски со 6-3, 6-0 го совлада Австралиецот Ден Пропоџа, и ја оправда фаворитската улога на стартот на Фјучрс турнирот во Добој, БиХ, каде што е трети носител. Најдобриот македонски тенисер во следното коло игра со Германецот Кристијан Хиршмилер, а и против него ќе биде фаворит, ако се земе во предвид рангирањето на АТП листата. 

Успешно тргна и Горазд Србљак, на кој во дуелот со Лука Превосто како да му требаше долго загревање, па првиот сет го загуби со 1-6, а потоа ги доби наредните два со 6-4, 6-3, и се најде во следната рунда на главниот турнир каде влезе како квалификант. Постоеја големи шанси да има македонско дерби во второто коло, и Србљак да се сретне со Стефан Мицов, но нашиот тенисер иако водеше со 1-0 во сетови против Французинот Жинар, во вториот сет освои само три гејма, последниот го загуби со 0-6, па не успеа да ја мине првата пречка. 

Во двојки, Македонците Јотовски и Србљак играат во тандем попладнево против Фатиќ и Челебиќ, Мицов со Кинезот Џао играат против Делиќ и Радојковиќ, додека Бесир Дургути и Гркот Стергиу, испаднаа во првото коло.

Најново во Други спортови