И ПОКРАЈ ТРИУМФОТ НА НАДАЛ НА УС ОПЕН

Кеш: Федерер ќе доминира и во 2018

Роџер Федерер ќе биде човекот кој ќе треба да се победи во 2018 година, но само доколку остане физички подготвен, вели поранешниот шампион од Вимблдон, Пет Кеш

објавено: 11 септември 2017 - 19:20

31-годишниот Рафаел Надал го зголеми водството на рејтинг-листата по победата на УС опен во неделата, а 36-годишниот Федерер загуби во четврт-финалето од Хуан Мартин дел Потро. И покрај ова, Кеш вели дека Федерер може да доминира.

„Ако го одземете Ролан Гарос од равенката, Федерер е најдобриот ол-раунд играч на светот. Нема сомнеж во тоа. Тој е фаворит секаде освен на Ролан Гарос. Доколку биде подготвен како оваа година, ќе биде фаворит и во Мелбурн и во Лондон и во Њујорк“, вели Кеш.

Надал со победата дојде до својот 16. гренд слем трофеј, и сега има три помалку од рекордот на Федерер, откако двајцата ги поделија трофеите во 2017 - Надал на Францускиот опен и на УС опен, а Федерер на Вимблдон и на Австралискиот опен.

„Дали Надал ќе го фати рекордот на Федерер? Не знам дали воопшто му е грижа за тоа. Ние сме опседнати со бројките, но мислам дека Рафа е среќен што се натпреварува за големите титули“, додава Кеш.

Најново во Други спортови